Јоци до „глупите новинари“: Престанете Македонија да ја именувате како „Северна“

Новинарката Јорданка Ивановска-Јоци им се обрати на медиумите и на „глупите“ колеги што ја именуваат Македонија како „Северна“.

„До медиумите и глупите новинари – престанете на вести и во текстови Македонија да ја ословувате како ‘Северна’ и да им ги мешате главите на луѓето дека Македонија по дома и ‘по влечки’ е Северна. Кога читате владино соопштение во етер, да, ‘Северна’ е. Поинаку е Македонија.
Не наметнувајте сосила нешто кое го нема како обврска во Преспански. И не го делете народот.
Ти им викаш Македонија е, они упорно во етер – Северна“, напиша таа на Фејсбук, каде што во претходен статус поопширно си го објасни ставот.

„И покрај Преспанскиот договор, името е Македонија во неформална граѓанска комуникација и општо во јавната сфера, неповрзана со владини органи. А, ние кои живееме тука сме Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи…
Имено, никој не може да ми забрани во моите текстови да ја ословувам земјата како Македонија, и тоа го правам.
И секаде се претставувам како Македонка, освен секако пред некојси Кир Јани на Евзони, кој ако запне, мора да кажете дека сте од ‘Северна’. Но, Грците на Евзони, не се замараат толку со ова, само удираат печати и собираат кеш од нас.

Република Северна Македонија, согласно одредбите на договорот, важи институционално. За внатрешна употреба и за надворешна ‘ерга омнес’ (имиња на институции, службени домашни и меѓународни документи, печати, државни посети, спортски, забавни настани итн…).

Владини претставници се обврзани во службена комуникација и на настани земјата да ја ословуваат според Преспански, а граѓаните не се, кога зборуваат меѓусебе во слободна комуникација, па дури и на јавен настан.
И тоа треба да го знаат сите граѓани, особено медиуми кои упорно ја ословуваат земјава како ‘Северна’ во телевизиски прилози или печатени текстови, и така некако го збунуваат граѓанството. Му наметнуваат нешто кое Преспански договор не го предвидува и не може да се оствари!“, објаснува Јоци.

SHARE