Јорданов: Со промена на името ќе пламнат конфликти во Македонија

Поранешниот бугарски амбасадор во Скопје, Александар Јорданов, изрази загриженост дека евентуалната промена на името на Македонија ќе доведе до сериозни внатрешни конфликти во земјата, и тоа независно од името за кое ќе се договорат двете страни.

„Не сум убеден дека промената ќе помине прво во Парламентот на Република Македонија, а таа треба да помине таму и ќе помине евентуално како промена на Уставот“, изјави Јорданов за телевизијата „Бугарија он ер“, додавајќи дека не треба да сме големи оптимисти во однос на проблемот што Грција го има со името на северниот сосед.

„Отсекогаш сум бил скептик за наоѓање на ова непознато име, зошто реалноста е посилна од зборовите. Таа е таква што Бугарија нема проблем со името Македонија. Од нас се сака да не заборавиме дека сме Бугари и да си ја браниме нашата гледна точка кон нашата сопствена историја“, додаде ексамбасадорот.

За Јорданов, најкоректна варијанта за името на соседната држава е „Нова Македонија“, за да нема географски претензии во името.