ЈСП демантира дека контролори тепале патници

Преку соопштение ЈСП денеска демантира дека возачи и контролори тепале патници.

Последните два примера во изминативе десетина дена во кои наводно возач, односно контролори натепале патник, не соодвествуваат со вистината. Тоа, како што се наведува, го докажуваат исказите на инволвираните страни во Внатрешната контрола на ЈСП „Скопје“, а извесно е дека тоа ќе се докаже и по целосно расветлување на случаите од страна на МВР, соопштуваат од ЈСП.

За случајот од 14 февруари годинава, во кој патник пријавил оти на линијата 19 бил натепан од страна на контролори бидејќи не поседувал билет, од ЈСП „Скопје“ велат дека контролорите воопшто не примениле сила. Напротив, како што се наведува, патникот давал отпор и физички се обидел да посегне по контролорите, но во меѓувреме стигнала екипа на МВР и го презела случајот.

Во случајот од 7 февруари годинава во кој патник пријавил дека бил натепан од возач на линија 33, според ЈСП „Скопје“ не станува збор за напад и додаваат дека возачот не применил сила, туку имало само вербална расправија.

Од ЈСП „Скопје“ апелираат патниците уредно да се валидираат при користење на јавниот превоз. Укажуваат дека и понатаму соодветно ќе бидат санкционирани сите злоупотреби на картичките „Скопска“ (зачестено возење на лица со туѓа персонализирана картичка).

Линиската контрола во јануари годинава има издадено 1.075 казнени билети од кои речиси 50 се заради злоупотреба на „Скопска“.

SHARE