Бугарија постави конкретни услови за напредокот на земјава кон ЕУ интеграциите  но  македонските  политичари  се воздржани  на  отворените закани, констатира Радио Слободна Европа.

Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски велат дека во овој момент не би го коментирале “Текстот за рамковна позиција“ на бугарската држава кој веќе е усвоен од тамошната влада и парламент. Тоа е внатрешно-политичко прашање на Бугарија, велат од кабинетот за Радио Слободна Европа, од каде што нагласуваат дека не очекуваат да влијае на претстојното носење одлука за почнување на претпристапни преговори со Северна Македонија.

„По донесувањето на очекуваната одлука за отпочнување на претпристапни преговори, земјите-членки на ЕУ, а и Бугарија како земја-членка, ќе формираат своја преговарачка рамка од нивен национален аспект“велат од Кабинетот.

Од Кабинетот на вицепремиерот за европски интеграции Бујар Османи пак велат дека формално, Бугарија, како и секоја земја – членка на Унијата, има право да го блокира напредокот во која било фаза, па дури и да не дозволи почеток на преговорите, но дека тие добиле поинакви уверувања.

„Она што ние го имаме добиено како уверување и од нашите соседи, но и од останатите политички центри на моќ е дека овие прашања ќе се решаваат внатре во преговарачката рамка, како дел од поглавјата, а не како услови за почеток на преговорите“ велат од кабинетот на Османи за Ради Слободна Европа.

SHARE