Каде е и што крие телефонот на Зоки Кичеец? – пишува Горан Момироски

Единствениот телефон од сите осомничени, обвинети или на било кој начин инволвирани во случајот Рекет за кој нема никаква информација во јавноста е тој во сопственост на Зоран Милевски со прекар Зоки Кичеец.

За разлика од телефоните на Катица Јанева и Боки 13 за чие бришење, одземање, губење се зборуваше интензивно во јавноста, за личниот телефон на Кичеец нема никаков напис во медиумите, изјава на обвинителката Русковска ниту достапен запис од обвинителството.

За него нема извештај ниту при неговото апсење од страна на МВР на барање на Русковска што може да значи дека телефонот е се уште во МВР.

Дали Обвинителството воопшто го побарало телефонот на Милевски од МВР засега нема никаква информација.

За телефон кој го користел Кичеец Русковска проговори јавно само еднаш и тоа кога беше откриено дека од притвор комуницира со засега непознат соговорник.

Но тој тогаш не комуницирал со неговиот личен телефон туку со еден од телефоните кои илегално се изнајмуваат во истражниот затвор Шутка.

Од погоре наведеното се отвара дилемата дали телефонот на Кичеец кој што крие многу тајни воопшто е вештачен или е ставен на страна поради страв дека од таму ќе се откријат комуникации и траги кои водат до други лица.

Дел од медиумите веќе објавија дека Кичеец бил во посета во Владата за различни поводи а се шпекулираше и дека е во директен контакт со највисокиот владин врв.

Можно ли е Кичеец да се договорил со обвинителството да ја признае вината и да добие казна со која може да излезе од затвор за кратко време а Русковска да се согласила да не врши форензика на неговиот телефон?

Дали е можно, без разлика дали има спогодба меѓу Русковска и Кичеец, неговиот телефон да не е дел од доказната постапка, иако и со тој телефон најверојатно е вршено кривично дело.

За да биде појасно за читателите ова сценарио во кое телефонот на Кичеец е ставен “Ад Акта” е исто кога Обвинителството би се договориле со еден од пукачите во Александар Палас да го признае делото а за возврат да не биде вештачен калашњиковот со кој пукал.

Во целата лакрдија и море од информации оставам простор да не сум забележал некоја изјава во која Русковска или обвинителството објаснуваат што се случило со телефонот на Кичеец и што има во него.

Доколку е така грешката е моја, но дури и тогаш јавноста и судот кој го води случајот мора во детали да дознаат со кого, за што и кога разговарал Зоки Кичеец а е поврзано со Рекет, или некое друго кривично дело.

Како на пример Рекет 2 во кој се споменуваат други луѓе од врвот на власта.

Ако сепак не сум направил грешка тогаш чуму се брзаше Русковска да го затвори предметот на Кичеец со пресуда без претходно да го отвори телефонот кој е поврзан со кривичното дело.

Преговорите за иднината на СЈО еден ден ќе продолжат и логично е со новиот закон за СЈО или како и да се вика бидејќи никој нема доверба во Русковска по промена на власта да се бараат одговори за телефонот на Кичеец.

Логично е новиот тим на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал да донесе наредба за форензичко вештачење на телефонот на Кичеец за кој има сомнение дека е предмет на кривично дело и крие тајни кои водат до главните организаторите на рекетот.

Затоа добро е со време да добиеме одговори на прашањето од насловот на оваа колумна. За да нема после одговори од типот “Јас не знаев, јас бев на подрум”.

SHARE