Како да процените кој победи на демек историскиот ТВ дуел – пишува Горан Момироски

Телевизискиот дуел на лидерите на двете најголеми партии од кои една е македонска а една мултиетничка мина без спектакуларни политички потреси, без големи политички најави и идеи.

И Заев и Мицкоски се фокусираа на своите претстави за тоа кои им се најсилни позиции, лидерот на СДСМ на мантрата дека државата оди напред а првиот човек на опозицијата на грешките и поврзаноста на власта со Рекет и слични случаи.

За да се избегне пристрасност и субјективноста во оценката кој победи покрај анализата на искажаните политички ставови неопходно е да се пресметаат и другите фактори кои откриваат дури и повеќе од вербалната комуникација.

Тие други фактори се говорот на телото и микрофацијалните експресии на дебатерите (Заев не можеше да ги скрие негативните емоции а Мицкоски постојано насмеан и притоа се шегуваше) но најважно како пропагандните тимови на Мицкоски и Заев првично го “одработија” дуелот во јавноста.

Апсолутниот победник на дуелот стана јасен дури и за тие што не го гледаа судирот а ги следат најмоќните македонски агрегатори на вести откако иако уште дуелот не беше завршен таму осамнаа десетици наслови во корист на Заев.

На тие што се упатени како работат партиските пропаганди веднаш им беше јасно дека тимот на Заев се обидува да ја намали штетата направена со неколкуте погрешни одговори и покажаната нервоза на нивниот шеф.

Наметнување на наратив што ќе создаде впечаток дека некој победил и ангажирање на луѓе на социјалните мрежи кои ќе го напаѓаат противникот е познат метод во македонска политика кој се помалку и помалку има ефект.

Кога се работи за Заев тој веќе не може да се надева на поддршка од ниту еден “алгоритам” затоа што агрегаторите на вести под контрола на негови поддржувачи одамна не се важен извор на информирање на неопределените кои ќе ја одлучат битката меѓу СДСМ и Заев.

Социјалните мрежи се тие кои што одлучија кој загуби вчера затоа што неопределените имаат свој алгоритам кој не зависи од насоките дадени од робот туку од тоа што лично го гледаат и слушаат.

А што слушнаа и видоа вчера тие луѓе:

1. Дека екс премиерот не се сеќава дали ставил потпис на законски уредената пријава за криминал која  ја потпишуваат сите граѓани кога пријавуваат криминал и тоа за најголемиот корупциски – рекетарски скандал во историјата на Македонија. (Тука Мицкоски можеше да поентира  дополнително со прашањето зошто Заев чекал најмалку 6 дена пред да го пријави Боки 13 за случајот Рекет кај Русковска)

2. Дека Заев се откажува од Законот за јазици за кој кажа дека нема да важи во општини каде што живеат помалку од 20 Албанци, нешто што делува шокантно и за најголемата малцинска заедница но и за сите граѓани.
Откако СДСМ две години не убедуваше дека законот ќе важи секаде хоризонтално и вертикално а вицепремиерот Османи се срамеше изигрувајќи “инспектор Мамли” барајќи табли сега Заев тврди дека тие се незаконски!!!

3. Дека Заев однапред нуди широка коалиција со сите партии па дури и со ВМРО-ДПМНЕ ако Мицкоски замине. Со тоа тој индиректно признава дека дури и со БЕСА во предизборна коалиција нема шанса да направи влада без да ги вклучи и ДУИ и Алијанса за Албанците во влада. Тие што ги знаат анкетите знаат што збори Заев. Дури и ако успее да освои 48 пратеници заедно со БЕСА Заев нема да може да направи влада само со ДУИ која сега е на граница на 10 пратенички мандати.

Она што всушност откри кој го загубил дуелот уште пред да почне е фотографијата сликана во студиото на Канал 5 која покажа дека Заев се “поткачил” на дрвена подлога за да не делува понизок од својот политички ривал.

На психолозите и психијатрите им е совршено јасно што значи обидот на јавноста да и се прикажете поголем и повисок од тоа што реално сте. Обидот пак да се прикажете поумен особено ако е неуспешен најчесто завршува со тешки трауми.

SHARE