Порталот Spomenik.Database.org на својата страница на „Твитер“ објави фотографии за тоа како споменикот „Цветот на слободата“ кај Гевгелија за половина век се претвори во набљудувачка кула.

„Педесет години прогресија на споменикот за Втората светска војна ‘Слобода’ на Вардарски Рид во Гевгелија, Македонија. Изграден во 1969 година од Јордан Грабул, тој се распадна низ 1990-тите и беше отстранет во 2005 година, а потоа во 2017 година неговите урнатини беа реизградени (преправени) како набљудувачка кула“, твитнаа од порталот што се претставува како „едукативен извор наменет за каталогизација и демистификација на апстрактните споменици на Втората светска војна на поранешна Југославија“.

Споменикот „Цветот на слободата“, изграден од челична конструкција, беше посветен на 95. загинати борци од гевгелискиот регион во борбата против фашизмот. Во согласност со неговиот автор, скулпторот Грабул, споменикот бил дислоциран заради изградбата на автопатот кон граничниот премин Богородица и заради ископувањата на Вардарски Рид, каде што првично бил поставен. При преместувањето било ветено дека просторот ќе прерасне во рекреативен центар со зеленило, паркови, осветлени патеки и пристапен пат, но ништо од тоа не е реализирано, реагираа пред неколку години од Општинскиот одбор на Сојузот на борците од Гевгелија.

 

SHARE

Comments are closed.