Калоѓера до Димитров: Македонскиот јазик е многу постар од ЕУ и не може да исчезне со декрет

Хрватскиот македонист и поранешен почесен конзул на Македонија во Хрватска, Горан Калоѓера, го коментира предупредувањето од шефот на дипломатијата Никола Димитров дека евентуалната ревизија на Преспанскиот договор би можела да доведе до губење на македонскиот јазик во Европската унија.

„Навистина не знам што ми треба да се грижам за Македонците и да зборувам во нивен прилог, кога читам небулози од висока категорија на кои никој не реагира. Мислам на изјавата на министерот за надворешни работи, господинот Димитров, кој вели дека ревизијата на Преспанскиот договор би можела да услови губење на македонскиот јазик во Европската унија.

Чекајте малку… Европска унија, каде беше таа кога се зачна и почна да се зборува македонскиот јазик во дијалектите и во говорите на локалните области, кој може да услови губење на јазикот на еден народ со кој зборувале неговите прародители со векови, кој може да ја избрише богатата македонска книжевна продукција на јазикот во 19. и во 20. век, независно од тоа што првата била дијалектно обоена, а другата пишувана во стандардот на книжевен јазик?

Кој може да ги избрише историските настани дека македонскиот јазик е прогласен за официјален во македонската република уште во текот на војната на првото заседание на АСНОМ во 1944. година во манастирот Прохор Пчињски? Кој може да го негира усвојувањето на азбуката и на правописот, што му претходи на нормирањето на македонскиот книжевен јазик? Европската унија?

Јазикот на еден народ не може да го уништи никој, ниту да го избрише од картата на светските јазици. Јазикот го живее својот живот, се развива, се разгранува, на него зборуваат Македонците во Македонија, Грција, Бугарија, Хрватска, Србија, САД, Канада итн. Ајде изгасете го тоа со еден декрет. Да не е смешно, би било трагично“, смета Калоѓера.

SHARE