Доколку договорот со Скопје дојде во парламентот, тогаш „Независни Грци“, помалиот коалиционен партнер на СИРИЗА на Алексис Ципрас,  ќе ја напуштат владата.

Вакво предупредување упати денеска Панос Каменос во неговото радио-интервју со РеалФМ. Тој дури истакна дека ќе се обиде да го блокира договорот на кој било начин.

„Јасно кажав дека не можам да се согласам со решение кое ќе го содржи името Македонија без согласност на грчкиот народ“, рече Каменос и додаде дека ќе ја напушти владата.

„ Ќе одиме на избори. Тоа е мојата заложба. Доколку го донесат овој договор до парламентот, ќе ја напуштам владата. Исто така, му го кажав тоа на премиерот, јас го кажав тоа јавно, и го кажав тоа и во парламентот”.