Хаос во грчката влада за Македонија, Ципрас има ас во ракавот

Лидерот на АНЕЛ, коалициониот партнер на СИРИЗА во грчката влада и министер за одбрана Панос Каменос за денеска во 11 часот во Атина закажал прес конференција на тема Македонија.

Според познавачите на грчката политика се очекува Каменос да го повтори својот став за одбивање на решение во кое што ќе биде и зборот Македонија и најава дека неговите пратеници во грчкиот парламент ќе гласаат против ратификација на договорот со Македонија.

Најекстремна варијанта е Каменос како што во неколку наврати предходно најави е да објави дека ја напушта владата ако Ципрас прифати решение за името во кое ќе биде и зборот Македонија.

По најавата за прес конференцијата на Каменос вчера доцна навечер грчки медиуми објавија анализа за ставот на две грчки парламентарни партии за прашањето за името.

И Фофи Генимата лидерката на Движењето за промени (ПАСОК и Демократската левица) и партијата Потами се изјаснуваат позитивно за решението за името за кое што предходно биле брифирани од министерот Никос Коѕиас.

Со тоа според дел од грчките аналитичари практично Ципрас добива ас во ракавот затоа што во Парламентот лесно ќе помине ратификацијата на договорот со Македонија.

Движењето за промени и Потами вкупно имаат 26 пратеници односно 17 повеќе од АНЕЛ на Каменос со што Ципрас дури и да биде бојкотиран од десетина свои пратеници кои се противат на зборот Македонија во решението со Скопје сепак ќе има мнозинство во Собранието за македонското прашање.

Едно од сериозните сценарија кое се разгледува во Атина е и целосна замена на АНЕЛ во владата со двете партии со што Ципрас би добил стабилно мнозинство од 171 пратеници за разлика од сегашните 154.

Во грчкиот парламент има вкупно 300 пратеници од кои 75 се членови на опозициската Неа демократија на Мицитакис.

Според последните анкети доколку Ципрас на следните избори влезе во формална коалиција со Пасок, Демократската левица и Потами тој во најмала рака се изедначува со рејтингот од 29 % што во моментов го има Неа Демократија и има реални шанси да направи нова влада.

Во Грција победникот на изборите добива екстра 50 пратеници со цел да се формира стабилна влада.