Кампувањето во Македонија „живо џабе“ во европски рамки

Според цената за кампување со шатор или со камп-приколка, Македонија е на самото дно во конкуренција на 35 европски земји, покажува анализата на порталот „Кампинг.инфо“.

Со просечна цена од 13,47 евра за една ноќ кампување за две возрасни лица во екот на сезоната, со вклучени место за шатор, приколка или трејлер, како и електрична енергија и локален данок, Македонија е на претпоследното место. Поевтино се кампува само во Белорусија, каде што за наведената услуга се плаќа 12,63 евра.

Од земјите од опкружувањето веднаш над Македонија се Бугарија со 13,83 евра и Романија со 14,74 евра, во Црна Гора цената е 15,74 евра, во Србија едно евро повеќе, во Босна и Херцеговина 19, во грција 24,28, во Словенија 26,22, а во Хрватска 33,29 евра и таа е трета најскапа земја за кампување на стариот континент. Прва е Швајцарија со 36,06 евра, а втора Италија со 35,63.