Капетан на „Боинг“ отвора школа за пилоти во Штип

Педесет и осумгодишниот професионален пилот, Раде Ивановски, а воедно и капетан на „боинг“ во флотата на авиокомпанијата „Руандер“ во егзотичната Руанда, капиталот го инвестира во својот роден град. Целта му е на аеродромот „Сушево“, во Штип каде што почнала и неговата љубов кон летањето, да отвори професионална школа за пилоти.
„Во Штип веќе имаме школа за спортски пилоти, но овде ќе имаме надградба. Сакаме да направиме нешто повеќе од она што е спортски пилот, бидејќи кога ќе се земе професионална дозвола веќе има можност да се работи и во комерцијални цели, без разлика дали во земјоделска авијација или, пак, во авиокомпанија или во полиција, вели Ивановски.
Идејата за отворање професионална школа за пилоти кај него тлее со години бидејќи, како што вели, целта му е да заживее повторно воздухоплоството, но и земјава да има подмладок, кој речиси го нема. Сертификатот што ќе го добијат пилотите е основа за добивање на европската лиценца и дозвола.
Верува дека неговите планови ќе успеат од причина што во земјава има 30 професионални пилоти, а работа за оваа атрактивна и невообичаена професија има, без разлика дали во земјава или во странство. Македонските пилоти работат или во институциите или во странски авиокомпании. Платата е примамлива и се движи од 2.000 до 15.000 евра, а како што вели Ивановски, во зависност за која компанија работиш.

Роден е во градот распослан на ридови, а како пилот работи во Руанда, која ја нарекуваат земјата на илјада ридови. Четириесет и две години живее меѓу облаците и превезува патници. Неговите почетоци со летањето се од 1977 година. Првата авиокомпанија за која има работено е МАТ, работниот век го продолжува во Тунис, Индија, Турција и сега е во Руанда, за која вели дека е прекрасна, зелена и безбедна држава.
„Потекнувам од овој спортски аеродром „Сушево“, значи моите почетоци се на ова место или, како што ние велиме, од оваа ливада. Во 2017 година одбележав јубилеј од 40 години, вели Ивановски.
Според него, пилотирањето не е тешко, ако се работи со љубов, но и со одговорност. Целата одговорност е врз екипажот. Појаснува дека во авионот не е само тој како капетан, туку има и колега копилот, кој е исто обучен како него да полета и да слета. Но, одговорноста за целиот лет од почеток до крај ја има капетанот. Ивановски веќе не брои колку пати се вивнал кон небото, но вели дека во облаците има поминато над 12.000 часови како пилот и капетан на „боинг 737“. За него нормално е дека полесно е да се вози авион отколку автомобил.
– Ако зборуваме за автомобилскиот сообраќај, потешко е да се вози, бидејќи не се почитуваат правилата. Додека во авиосообраќајот секој мора да ги почитува правилата, не само поради санкциите, кои се големи, туку и одговорноста и ризикот се големи, рече Ивановски.

„Значи го немам само централниот дел и овие, да ги речеме, меѓуконтиненталните летови. Ние, пилотите, не ги ни броиме летовите, туку сме врзани со часови. Најдолг лет што го имав е околу седум и пол часа, со „боинг 737“. Инаку, за тој тип авион најнормален лет е од три до три и пол часа, заради одморање на пилотите“, вели Ивановски.
Досега имал мирно небо, но објаснува дека еден пилот за да ги избегне непријатните ситуации додека е на работното место мора постојано да вежба на симулатор, но и да го повторува она што теоретски го знае. Пилотите на авиокомпаниите на секои шест месеци поминуваат низ симулатори и тоа е пропис што мора да се почитува, потенцира Ивановски. Во компанијата за која работи пензионирањето е на 65 години, но смета дека неколку години пред да се пензионира ќе прекине и ќе се врати во својот град, каде што го инвестира она што го заработил.
Љубовта кон летањето им ја пренел и на неговите двајца синови, кои на отворањето на хангарот на штипјани по 20 години им приредија и аеромитинг. (МИА)


SHARE