Карантин во Грција за сите патници од летот од Катар, од Доха тврдат – биле негативни пред поаѓање!

Уште на почетокот од отворањето на земјата за туристите, Грција мораше да ги испрати во карантин сите патници од летот од Катар, откако 12 од нив, од вкупно 91 во авионот на „Катар ервејз“ до Атина, беа позитивни на тестирањето за Ковид-19.

Министерството за цивилна заштита веднаш ги запре воздушните врски од и до арапската земја до 15 јуни.

Од катарската авиокомпанија тврдат дека сите патници на летот до Атина биле здрави пред полетувањето во Доха, односно имале негативни тестови. Ниту еден од 12. инфицирани не се од Катар – девет од нив дошле од Пакистан и имале грчки дозволи за престој, двајца се Грци што се враќале од Австралија и уште еден е Грк што доаѓал од Јапонија, известија од „Катар ервејз“.

„Знаевме дека ќе има вакви случаи. Видовме што може да се случи летово. Најсигурно би било да не се отвориме за туризам, но тоа би значело огромна економска деструкција. Прво што мораме да направиме е да ги поделиме земјите на потекло на сигурни и несигурни. Тоа создава одреден дипломатски притисок, но прв приоритет за нас треба да биде јавното здравје“, изјави експертот за заразни болести Николаос Сипсас, член на специјалниот одбор што ја советува грчката Влада за управувањето со пандемијата.

Патниците кај кои што е дијагностициран Ковид-19 ќе бидат изолирани 14 дена во хотел што го одреди Владата. Останатите ќе поминат во карантин седум дена, по што ќе им биде направен втор тест и ако резултатите од него бидат негативни ќе можат да го напуштат карантинот.

SHARE