„Во времето на моите родители изборот на професија и вработувањето било еднаш за цел животен односно работен век. Ретко било менувањето на професијата и напуштањето на компанијата. Сето ова е многу изменето особено во последните две децении. Сега е вообичаено побрзо и полесно да се смени работа, професија и компанија.

Улогата на кариерниот советник е токму во тоа да го води процесот на кариерна транзиција како што го нарекуваме и да му помогне на својот клиент да ги препознае своите потенцијали и потреби при избор на нова професија.

Секако, тоа е процес низ кој клиентот треба да работи на себе спознавање и понекогаш на донесување тешки одлуки“, вели – во одговор на прашањето како оние луѓе на кои неславно им завршила кариерата да развијат нова, Катерина Златановска – Попова, Советник за развој на кариера, во интервју за порталот Работник.

Во однос на тоа дали на работодавачите повеќе им вредат универзитетските дипломи од вештините и компентенциите на кандидатот, Златановска – Попова вели дека сѐ повеќе и сѐ почесто работодавачите се жалат дека не можат да најдат квалитетни работници. Од друга страна работниците се жалат на работодавачите дека не се соодветно платени или немаат соодветни работни услови. Всушност, во моментот постои огромен јаз помеѓу барањата и очекувањата и на едната и на другата страна. Она што е исклучително важно и на кое треба да се фокусираме се компетенциите. Компетенциите значат знаења, вештини, искуства, ставови, лична култура, навики, а тоа е многу покомплексно од факултетска диплома. Во денешниот свет, со брзата дигитализација, речиси сите светски водечки компании бараат луѓе кои ќе можат да покажат што знаат, кои имаат знаења и вештини, а сѐ помалку е важно дали имаат универзитетска диплома.

Катерина Златановска – Попова – Советник за развој на кариера

Работник: Како е точниот назив на Вашата професија и кои се работните обврски на советникот за кариера и развој?

Златановска – Попова: Професијата Советник за развој на кариера е релативно непозната и нова кај нас, и во последно време сѐ обидуваме да ја популаризираме и воедно да ја нагласиме потребата и бенефитот кој луѓето би го имале од кариерното советување. Всушност, првите обучени и меѓународно сертифицирани советници за развој на кариера во Македонија беа дел од проект на USAID во 2010 година. Јас сум дел од втората генерација на сертифицирани советници, а од тогаш до денес, нашата професионална организација, Асоцијацијата на советници за развој на кариера, www.ask.org.mk, која оваа година одбележува 10 години од создавањето, чиј член сум и јас од 2012 година, има реализирано проекти за формирање на кариерни центри во средните стручни училишта, во најголем дел стручни училишта, како и обуки за кариерни советници кои доаѓаат од различни области и сектори, образование, човечки ресурси, психологија, социологија и сите сродни професии кои се поврзани со помош и поддршка на луѓето за да го постигнат својот потенцијал и баланс во животот.

Работата на советникот за развој на кариера е поврзана со кариерни сесии за клиенти преку кои тие ќе можат да ги откријат своите потенцијали, знаења, вештини и истите да ги стават во функција на посакуваната професија, како да направат промена во кариерата, како да аплицираат за работа доколку се невработени или останале без работа, поддршка на идните ученици и студенти каде да го продолжат своето образование, различни форми на обуки како на пример пишување на мотивациско писмо и CV (биографија), следење на случувањата на пазарот на труд и новите професии на иднината. Советникот за развој на кариера е врската помеѓу образованието, особено во рамките на стручното образование и бизнис секторот овозможувајќи навремена кариерна ориентација и насочување кај учениците.

Работник Голем број на млади луѓе се во недоумица за тоа која кариера да ја изберат. Каков совет би им дале?

Златановска – Попова: Изборот на кариера е поврзан со прашањето „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“, колку почесто си го поставуваме тоа прашање без разлика на возраста тоа подобро. На тој начин го преиспитуваме нашиот избор на кариерен пат, односно си овозможуваме да си го потврдиме изборот кој сме го направиле. Тој избор, важно е да нагласам, дека е нормално, здраво и неопходно да се преиспитува и евентуално и да се менува. Важно е младите да разберат дека е добро и сосема нормално да ни се менуваат интересите со тек на животот. Затоа следното прашање кое е потребно да си го поставуваме што почесто е „Зошто ми е ова важно, зошто сакам тоа да го работам?“ Запишете ги одговорите, барајте ги личните интереси, одговорете си што е она што можете да го правите со радост, што ве прави среќни, без да чувствувате замор или тешкотија…Кога ќе ги вкрстите одговорите на овие прашања веројатно и полесно ќе дојдете до одговорите за тоа во која насока да ја движите својата кариера. И се разбира, консултирајте се со сертифициран советник за развој на кариера!

Работник:Дали е потребна факултетска диплома за успешна кариера или пак знаењето и вештините имаат предност?

Златановска – Попова: Сѐ повеќе и сѐ почесто работодавачите се жалат дека не можат да најдат квалитетни работници. Од друга страна работниците се жалат на работодавачите дека не се соодветно платени или немаат соодветни работни услови. Всушност, во моментот постои огромен јаз помеѓу барањата и очекувањата и на едната и на другата страна. Она што е исклучително важно и на кое треба да се фокусираме се компетенциите. Компетенциите значат знаења, вештини, искуства, ставови, лична култура, навики, а тоа е многу покомплексно од факултетска диплома. Во денешниот свет, со брзата дигитализација, речиси сите светски водечки компании бараат луѓе кои ќе можат да покажат што знаат,кои имаат знаења и вештини, а сѐ помалку е важно дали имаат универзитетска диплома.

Работник: На што најмногу кандидатите за работа, за време на интервјуто треба да обрнат внимание?

Златановска – Попова: Мојата препорака е во фазата на интервју да бидат колку што може поприродни, свои, да го претстават она во што сѐ најдобри и она што им е силна страна, предност. Низ примери од личното, работното и професионалното искуство да покажат различни компетенции поврзани со работното место за кое аплицираат. На пример, ако работата подразбира работа во тим, би било корисно кандидатот да презентира одредена ситуација во која соработувал со други, работел во тим, извршувал одредена улога во тимот и секако да ги презентира односите во тимот и како тој / таа се справувал со ситуациите и предизвиците во таа средина.

Она што е исклучително важно, а често кандидатите го забораваат, секое искуство, и оние волонтерските, неплатените се вредни за споменување бидејќи ни помогнале нешто да научиме. Ова е особено значајно за младите луѓе, кои бараат работа по завршување на средно училиште или факултет, кои немаат многу работно искуство со кое може да креираат импресивно CV, до нив ја упатувам оваа препорака, да ги соберат сите искуства кои ги имаат, макар и тоа да било поврзано со ситуација кога сте му помогнале на пријател да се пресели во друг стан или работа како келнер во кафуле, и да ги презентираат како дел од вашите животни вештини кои всушност вклучуваат комуникација со луѓе, справување со конфликтни и стресни ситуации, организација и логистика на одреден процес и т.н….ако вака погледнете на „обичните секојдневни“ активности и задачи, сигурно ќе имате многу специфични компетенции за во вашето CV уште пред воопшто да наполните 18 години, нели?

Често пати за време на интервју за работа на кандидатот му се поставува прашање за тоа колкава плата очекува. Според Вас,  каков треба да биде правилниот одговор на кандидатот?

Златановска – Попова: Ова е супер прашање и не постои правилен или точен одговор. Во странство, вообичаено е компанијата при објавување на огласот да објави и колкава е дневницата / саатнината или месечната бруто плата, па така кандидатот може да си одлучи уште пред да аплицира дали му одговараат понудените услови. Кај нас е малку поинаку, за жал, и често кандидатите се ставени во непријатна ситуација да нагаѓаат кој е точниот одговор. Лично сметам дека работодавачот е оној кој треба отворено да го претстави пакетот на финансиски надомест. Сепак доколку треба да дадам некаков совет, би сугерирала секогаш пред интервју да се запознаат со компанијата, условите за работа и доколку се во можност да добијат и информации за рангот на платите во таа компанија. На крајот, сосема е коректно да одговорат која би им била најниската прифатлива граница за која би прифатиле да ги извршуваат задачите и задолженијата.

Работник: Според Вас, како младите луѓе правилно да се насочат за да ја изберат онаа кариера која им одговара?

Златановска – Попова: Клучот е во раното отпочнување со кариерно насочување и советување. Потребно е, а ние како Асоцијација на советници за развој на кариера веќе интензивно работиме, на вклучување на кариерното советување во основните училишта кое ќе им помогне на децата да се запознаат со своите интереси и да размислуваат за својата идна професија за полесно да ја донесат одлуката за уписот во средно училиште.

Работник Кои се потребите на бизнис секторот? Каков кадар е потребен, според Вас?

Златановска – Попова: Бизнисот бара луѓе со компетенции. Тоа е единствениот критериум кој бизнис секторот го распознава, дали кандидатот има знаења потребни за конкретната позиција и каква вештина има. И секако да биде подготвен да учи и да се усовршува. Бизнисот не смее да си дозволи никаква форма на дискриминација ако сака да ги привлече и задржи најквалитетните и најкомпетентните луѓе. Сѐ останато е погрешно, популистички и политичко додворување.

Работник: Дали сметате дека корона кризата има импакт врз светот на работата и дали истата ќе придонесе да се развијат нови професии, а со тоа и нови можности за кариери?

Златановска – Попова: Дефинитивно корона кризата веќе влијае и ќе влијае на економиите во целиот свет уште извесен период, а соодветно на тоа ќе има силен негативен ефект и врз пазарот на трудот и врз исчезнувањето т.е. укинувањето на одредени професии и создавањето на нови, поинакви и дигитализирани професии. Всушност, корона кризата само го забрза процесот на исчезнување на одредени професии кои и онака експертите веќе предвидуваа дека за 10-тина години од сега нема да бидат повеќе потребни. Иако можеби малку неподготвени, особено кај нас во одредени области и индустрии, ерата на дигитализација се наметна со сета своја јачина со појавата на COVID -19. Со сите свои недостатоци, сега светот ни е на дланка, а работата од дома е нова реалност која пак значи можност за работа било каде во светот, за било која компанија во светот, секако ако ги имате соодветните квалификации и вештини.

Работник: Како, луѓето кои имале долга кариера во одредена професија, но поради одредени причини истата неславно им завршила, да се вратат во терк и да започнат нова кариера?

Златановска – Попова: Ова е многу важно прашање. Особено за нашата средина и менталитет каде што во времето на моите родители изборот на професија и вработувањето било еднаш за цел животен односно работен век. Ретко било менувањето на професијата и напуштањето на компанијата. Сето ова е многу изменето особено во последните две децении. Сега е вообичаено побрзо и полесно да се смени работа, професија и компанија. Улогата на кариерниот советник е токму во тоа да го води процесот на кариерна транзиција како што го нарекуваме и да му помогне на својот клиент да ги препознае своите потенцијали и потреби при избор на нова професија. Секако, тоа е процес низ кој клиентот треба да работи на себе спознавање и понекогаш на донесување тешки одлуки.

И секогаш, баш секогаш да се стремат кон она што го сакаат, она што би го работеле со жар и љубов, и би ги правело среќни и исполнети, да го дефинираат колку може попрецизно во форма на работна позиција, да разгледаат што поседуваат, а за што треба да се дообучат за да можат да ја работат таа посакувана професија  и да се фокусираат на тоа како да ја исполнат својата цел.

Работник: За на крај, што би им порачале на луѓето кои ја загубија работата за време на корона кризата. Кон што да се фокусираат?

Златановска – Попова: Мојот совет е да се фокусираат на можностите. Прв чекор и веројатно најважен е да направат листа на сѐ што знаат да прават, сѐ што некогаш работеле, формално или неформално, платено или само „за по дома“ вклучувајќи ги и вештините поврзани со некое хоби. И од тука, од таа листа треба да започнат да ги разгледуваат можностите за себе на актуелниот пазар на трудот. Дополнително, клучна и важна состојка е прилагодливоста, односно отпорноста, тоа е она што на дрвјата им овозможува да опстанат и при најсилните бури и ветришта, тоа е она што ние мора да го вежбаме, надградуваме постојано во текот на животот и што ќе ни помогне да ги надминеме и најголемите предизвици како кризата создадена од пандемијата. Впрочен, дел од улогата на советникот за развој на кариера е да му помогне на клиентот и да го води низ целиот процес за што побрзо и полесно да дојде до својата крајна цел.

Бобан Илијевски

SHARE