„Катимерини“: Го доби ли Грција спорот за името? Требаше ли?

Грчкиот весник „Катимерини“ преку колумната на Сотирис Јорганас го поставува прашањето дали навистина Грција е победник во спорот за името со Македонија.

„Според класичната мудрост, спорот со Македонија е прашање од национално значење за Грција. Но, каков вид прашање е тоа поточно? И како се покажа Грција?

Прашањето за Македонија како ослободителна борба беше затворено во 1914 година и заокружено во 1945 со целосна грчка победа. Солун, макар и со малцинство Грци, стана неповратно грчки, заедно со околните територии. Денес ниту еден нормален Грк не би го сметал за фер проширувањето на територијата на земјата на север, ниту, пак, може да има реален спор за границата од другата страна.

Секое спомнување на ‘скопски иредентизам’ во грчката јавна дебата e навреда за борбите на нашите предци, кога и само Крит би бил доволен за да ја одбрани границата од малата балканска држава. Навистина, борбите не беа толку оружени, колку економски. Грчката економија, изградена со крв, пот, солзи и со доза на среќа (позиционирањето на Грција на вистинската страна од Железната завеса не беше целосно без помош) ги гарантираше границите на земјата против десетици милиони потенцијално непријателски соседи.

Кредата на учителот, чеканот на работникот, малиот хотел на бизнисменот и лаптопот на научникот ги чуваа границите, а не пушките на војниците (а ако и се појави опасност, таа ќе биде од секогаш нестабилниот исток)“, пишува доцентот по економија на Градски универзитет Лондон.

„Македонското прашање денес останува само спор за име – прашање на меѓународен маркетинг. Тоа не е научно прашање, кое би можело да биде решено на голема меѓународна конференција. Ниту е тоа, просто, билатерално прашање што ги вклучува само Грција и Бивша Југословенска Република Македонија; попрво тоа е прашање на влијание врз меѓународното јавно мислење. Тоа е целосен грчки неуспех. Безумниот национализам си го даде првиот автогол во 1993 година и головите против Грција не престанаа оттогаш.

За да сфатите дека тоа е само маркетиншко прашање, земете превид дека на Грците не им е гајле како ја нарекуваат земјата во нивните приватни разговори (најчесто ја викаат Скопје) или во БЈРМ (како и да милуваат, без оглед на каков и да е договор). За Грците нема никакво значење ако треба и цела вечност да ја викаат соседната земја Скопје или ако нивните соседи самите се преименуваат во Република на Осамениот Бор. Тоа што ним им значи навистина е како остатокот од светот ја нарекува.

На Грците им е навистина важно создавањето цврста врска во умот на просечниот Американец и Европеец меѓу делот од Грција наречен Македонија денес и славата на древна Македонија.

За жал таков маркетинг не може да се направи со демонстрации и со химни, ниту со потписи на лидерите на парче хартија. Грција се обиде: БЈРМ беше меѓународно изолирана со години. Меѓутоа, тоа на што се спротивставуваа дипломатите меѓународната јавност широко го прифати. Игнорирањето, љубовта кон поедноставувањето и евентуалната симпатија кон аутсајдерот што повеќето неутрални луѓе ја чувствуваат во суштина водат кон едноставен факт: целата планета ги вика Македонци граѓаните на БЈРМ“, констатира Јорганас.

„Натпреварот беше загубен уште во 1993 година. Кога германските пријатели добиваа писма од Грција со печат со епски неуспешниот слоган ‘Македонија е грчка’, тие прашуваа: ‘Но, зошто саката да ја припоите сиромашката земја?’. Очигледно, мислеа на БЈРМ. Оттогаш ‘Македонија’ доминира во меѓународниот печат, во секојдневните разговори, дури и на отсекогаш неутралната ‘Википедија’. Има добри 235 написи за темата на исто толку јазици. Само на грчки земјата е именувана ‘БЈРМ’. На сите други јазици, од татарски до хавајски, земјата се именува како ‘Република Македонија’ или само ‘Македонија’.

Последниве години тие малку од остатокот на Европа што се интересираат за прашањето се чудат што сака Грција, зошто не ѝ дозволува на таа слаба земја да застане на своите нозе и да влезе во европското семејство, наместо да падне во рацете на Путин. Повторно анегдота – високо рангиран економист во Светска банка за Западен Балкан ме праша: ‘Зошто грчкиот премиер настојува Македонија да се преименува во Северна Македонија?’. Јасно му е дека статус-кво е ‘Македонија’, а ‘Северна’ е прилично великодушна отстапка.

Сега, ако на Грција ѝ е важна ‘Македонија’ како име на бренд, ‘Северна Македонија’ не е најчистото или решение со најмногу придобивки. Но, време е ние Грците да ги извагаме аргументите ‘за’ и ‘против’ во овој долготраен спор и да почнеме да се грижиме за нашиот сопствен двор. Во меѓународните очи, наследник на блескава култура нема да биде оној што ќе добие признание со договор, туку оној што личи на достоен наследник. Аеродромот што се претставува како вистински ‘аеродром Македониј’ ќе биде најубаво, најефикасно и најуспешно. Слично на тоа, институцијата со најдобри шанси да се зацврсти како’ Универзитет на Македонија’ ќе биде таа со најдобрите научници и со најпрестижни истражувања.

Големи ‘македонски’ производи (до оној степен до кој таквиот бренд постои денес) ќе бидат само оние со добар квалитет. Исто како што не можете да создадете силен производител на автомобили со поставување на знак на BMW на врвот на неугледна фабрика, проблемите што ги има Грција нема да бидат решени со договор.

На крајот на краиштата, најбезбедниот начин да го добиете она што го сакате е да знаете што сакате. Што сакаат Грците? Дали планетата прифаќа дека сите ние сме потомци на Александар Велики? Носам лоши вести: Дури и да е тоа изводливо или пожелно, ова не е начин да се стигне таму.

Но, можеби имам алтернатива. Кога го споменувате Њујорк, никој не мисли на стариот сиромашен и дождлив Јоркшир. Никој нема да слушне ‘Македонија’ и да помисли на друго место ако ја развиеме нашата сопствена Македонија и пошироката Грција во навистина просперитетно место – толку добро за да ги негува своите предности што нема да звучи чудно кога Грците ќе ги досегант ѕвездите во спортот (мислам на Јанис Антетокунпо во НБА), во уметноста (повеќекратните номинации за Оскар за Лантимос) или во науката.

И можеби тогаш, кога ќе го градиме нашиот сопствен Њујорк, може да сфатиме дека оспорувањето имиња, претензиите за славата на древните луѓе, беа само мали шупливи камчиња, како што ќе рече големиот космополит К.П. Кавафи“, заклучува членот на тинк-тенкот КЕФИМ.

SHARE

1 Коментар

Оставете Коментар