Ќе признаеме ли дека Глигоров 28 лета бил Бугарин – пишува Горан Момироски

Ако бугарските власти успеат во своите намери и Македонија ги прифати барањата на властите во Софија тогаш Македонија сакала-не сакала ќе прифати дека столбовите на кои е изградена македонската држава се од “б’лгарски происход”.

Прифаќањето на бугарската теза за македонска нација од 1945 година која предходно со векови била бугарска ќе доведе до преиспитување на основите на македонската држава а со тоа и до вечен сомнеж дали македонците навистина се “избањати бугари со српска вода” како што се шегуваат со нас во Софија.

Доколку македонските членови на историската и образовна комисија со Бугарија не извршат притисок врз власта и не го убедат премиерот Заев дека на почетокот на ноември во Софија не смее да ги прифати барањата на колегата Борисов, Македонија ќе добие татко на нацијата кој голем дел од својот живот бил Бугарин а потоа Македонец.

Практично кажано, ако Бугарија успее во своите намери, не само што Гоце Делчев ќе стане бугарска основа на која е создадена македонската нација а подоцна и држава туку и првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров речиси третина од животот бил Бугарин.

Киро Глигоров е роден во 1917 година и според бугарските идеи за Македонците како нација која се оформила по АСНОМ тој 27 години од својот живот бил Бугарин а Македонец бил до крајот на животот од 1945 до 2012 односно 67 години.

Слична е ситуацијата со првиот македонски премиер Никола Кљусев кој според бугарската “наука” ќе биде Бугарин од раѓањето во 1927 до АСНОМ а Македонец до смртта во 2008 година.

Со ваквата историска теза на Бугарија првиот претседател на Македонија Методија Андонов Ченто најголемиот дел од животот, 43 години бил Бугарин а само дванаесет години Македонец.

Доколку Заев попушти пред бугарската политика Бугарин барем во дел од животот ќе стане и професорот Љубиша Георгиевски но и некои живи политичари кои беа на врвни функции и на третиот Илинден во 1991.

Така на пример Стојан Андов, првиот претседател на Собранието во независна Македонија од раѓањето во 1935 година до 1945 би бил Бугарин, а потоа до ден денес Македонец.

Иста би била и ситуацијата со Тито Петковски и Димитар Димитров, кои во првите години од животот, се до АСНОМ биле мали “Бугарчиња” а потоа станале Македонци.

Еден од ретките примери за “чисти Македонци” во случај да се направи историска глупост и да се потклекне пред бугарското историско и политичко насилство ќе биде Денко Малевски, првиот министер за надворешни работи на независна Македонија кој е роден во 1946 година и според бугарската теза може да биде без бугарска самосвест.

Апсурдно зарем не. Но некои преговараат и за апсурди.

SHARE