Ќе трчаме спринт или маратон? – Пишува д-р Пехчевска Поп-Илиев

Сите текстови на д-р Пехчевска и многу повеќе за личниот развој ќе најдете на www.mimipehcevska.mk

Денови во ова чудно секојдневие, почнуваат со редовна рутина и навики кои ги практикуваме вообичаено. Скоро и да не постои посебна желба за некоја промена, очекувањата се многу лимитирани, нѐ притиска агонијата и неизвесноста. Имаме многу желби, а нивното остварување ни изгледа недостижно.

Имаме многу планови, а нивната реализација сме ја свеле на минимум. Вообичаени исти активности секојдневно ни се повторуваат во бесконечен магичен круг.

Дали ова е реалноста во која живееме? Дали конечно признаваме дека е дојдено времето за нова одлука, одлука за промена во нашите дневни рутини? Можеме ли да се прилагодиме на ова ново време, на новите предизвици, на новите навики кои не ги избравме сами?

Порано, луѓето имале прилично едноставен и прецизно одреден животен пат. Одлуките поврзани за кариерата, за партнерот, за местото на живеење се носеле еднаш за цел живот. Можноста и спремноста за промени не се диксутирала, а многумина иако незадоволни од својот избор, биле принудени да си ја трпат последицата од сопствените погрешни одлуки за цел живот.

Денес, размислувањето и подготвеноста за промени сѐ повеќе продира во нашето секојдневие, сѐповеќе се зборува за тоа, сѐповеќе учиме и се спремаме вешто да се справиме со сите промени, без разлика дали ни ги носи опкружувањето или ние сме решиле да ги превземеме работите во свои раце.

Почнуваме срамежливо да зборуваме за коренити промени кои ни се случуваат во секојдневието, дури и се навикнуваме на промени во нашите хигиенски навики или начинот на експресија на одредени емоции. Престанавме да се гушкаме, но не престанавме да се сакаме. Изборот е единствен, брзо да се прилагодиме на новите предизвици, излегувајќи од нашата комфорна зона и навиките кои сме ги негувале до сега.

Постојаната мобилност, спремноста за коренити промени во секој момент од нашиот живот, стана потполно природна, но и неопходна вештина. Почнуваме колектвно да се освестуваме дека прилагодувањњто на промени и менливоста и минливоста се полесни отколку што замислувавме, затоа што поедноставно е да ги промениме нашите животни навики отколку вечно да бидеме незадоволни.

Вештината која можеби е најмодерна во современиот свет, спремноста за одлучување и прилагодување кон промени, ни дава потврда дека сме дел од современоста, потребата да се вклопиме во неа и потврдно да кажеме дека сме во тренд со новото време.

Знаеме ли кога и како треба да ја применуваме? Дали припремивме соодветен терен за да ја практикуваме промената? Или едноставно сме дел од помодарскиот свет и несвесно се тркаме на кратки стази со промените кои ги правиме секојдневно во нашите навики, изглед, животи, потреби.

Како да бидеме сигурни, дека не претеруваме со потребата „одма сега да направам значителна промена кај себе си“?

Дозирањето на оваа јака страна како и за секоја друга е најбитната работа која треба да ја совладаме освестувајќи се себеси дека е време за носење одлука. Да бидеме подготвени за промена е исклучително важно исто колку и способноста за носење одлука за промена.

Во тој период е битно да сме начисто со она што следи, не силувајќи го нашиот мозок на брза промена. Околината индиректно влијае на нашата одлучност, важно е и да се опкружиме со луѓе кои нѐподржуваат во нашата одлука. Денес е тоа можеби најлесен чекор, со искуствата кои ни ги нудат социјалните мрежи, он лајн групи и форуми на кои се зборува за позитивните искуства на луѓе кои веќе ја искусиле таа промена.
Дополнително тука ќе најдеме и мотивација и инспирација за спроведување на нашата одлука за промена.

Одлуките кои ги носиме и способноста да се прилагодиме на новите промени, ни носат многу нови иксуства. Потребна е енергија, свесност, решителност и верба во себе, за да ги оствариме овие промени. И доколку не сакаме да се будиме во монотонија, исполнети со чувство на изгубена страст кон животот, мораме да се научиме да трчаме на долги стази.

Истрајноста сигурно ќе нѐ донесе кон посакуваната цел, а одговорот на прашањето зошто тргнав по овој пат, нека ни биде нова утринска рутина.
Едно е сигурно, промените ќе следат секогаш и секаде, без разлика дали ние сакаме да ги прифатиме или не. Наша е одлуката дали ќе се прилагодиме или немо ќе гледаме како сме бутнати настрана, а реалноста која ја живееме секојдневно ќе нѐ потсетува дека не го живееме нашиот сон.

Пишува: Д-р Мирјана Пехчевска Поп-Илиев, експерт за личен и организациски развој, професионален коуч, кариерен советник www.mimipehcevska.mk

SHARE