“Кластерот СДСМ” откри “вируси” во службите за безбедност и финансии – Горан Момироски

Присуството на коронавирусот кај потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири на површина извади нелогични и можеби незаконски контакти меѓу кумашинот на Зоран Заев и важни луѓе во светот на македонската безбедност и финансии.

Податоците до кои денеска дојде Телма покажуваат дека препорака за самоизолација од епидемиолозите добиле 33 лица со кои бил во контакт Зекири.

“Дванаесет лица се од неговото семејство без сопругата и тримесечната ќерка. А по контакт со Зекири во изолација завршија вицепремиерката и потпретседателка на СДСМ Мила Царовска, владиниот советник Марјан Забрчанец, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Во домашен карантин е и директорот на финансиската полиција Арафат Муареми и директорот на агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу”, објави денеска Телма.

Оваа информација ја отвара дилемата зошто Зекири имал контакт со Муареми кој води една од најмоќните владини алатки за пресметка со бизниси, медиуми и организации кои ги критикуваат Зоран Заев и неговата партија.

Уште поопасна за демократските односи во Македонија е информацијата за комуникацијата која што кумашинот на Заев ја имал со шефот на Агенцијата за разузнавање под контрола на претседателот Пендаровски.

Нејасно е зошто Зекири се среќавал со Еролд Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање за кого веќе се водат два предмети во Антикорупциската комисија.

Зекири не смеел да има приватни контакти со Муслиу затоа што е член на Собраниската комисија за надзор на работата на службите за безбедност затоа што приватна комуникација на член на комисијата со директорот кој е под надзор фрла сенка на целиот систем за контрола на тајните служби и е директно спротивен на препораките на Прибе и ЕУ.

За кои цели на еден месец пред изборите кои ги најавува СДСМ вториот човек во партијата се среќавал со шефови на тајна служба и финансиска полиција, инаку двајцата кадри на СДСМ, пред се треба да кажат инволвираните.

Објаснување должи и претседателот Пендаровски кој или дозволил комуникација на Муслиу со партиски потпретседател или воопшто не знаел дека директорот на АР на своја рака се среќава со Зекири.

Во двата случаи шефот на државата е ставен во незгодна ситуација правно или етички.

Детали за средбите може да даде и техничкиот премиер Оливер Спасовски под чија капа номинално е финансиската полиција.

Кој на Муареми му дозволил да се среќава со Зекири и дали тие средби биле приватни или службени односно партиски може да открие и Јавното обвинителство кое исто така по допрен глас може да истражува за партизација и нарушениот систем за безбедност и во Македонија.

Доколку тоа не се случи извесно е дека одговорот ќе дојде од странските набљудувачи кои во пресрет на почетокот на преговорите со ЕУ детално и ревносно ги следат злоупотребите на државните механизми за партиски цели и кои до авторот на овој текст ги доставија своите забелешки за “(не)европскиот начин на однесување” на дел од партиските функционери и високи државни функционери одговорни за стратешки прашања во државата.

SHARE