НБА-шампионот од 2016 година, Кливленд кавалирс, покажа дека нема проблем со името на земјата од која потекнува неговиот кошаркар Џеди Осман, во чија чест лансира ограничена серија маички со натписот „Човекот од Македонија“.

„Почитувајте го омилениот на сите Македонец! 2019 е извонредна година за Џеди Осман досега – нека продолжи така со истакнувањето на неговиот лик на вашата маичка!“, се вели во рекламната порака на фан-шоп страницата на клубот.

Џеди Осман e роден пред 23 години во Охрид од татко Турчин и мајка Бошњачка и има македонско и турско државјанство. Ги брани боите на Турција, со чии младински селекции беше шампион на европските првенства до 18 години во Летонија 2013 и до 20 години во Грција 2014, каде што беше прогласен за најдобар играч.

За „коњаниците“ од Кливленд настапува од јули 2017 година, а благодарејќи на сè подобрите игри, кои кулминираа со личниот рекорд од 29 поени против Мајами на 25 јануари годинава, в петок ќе учествува на натпреварот Rising Stars Challenge во рамките на НБА Олстар викендот како член на тимот на светот.

Во чест на родната земја на Осман, на 18 ноември минатата година на паузата од мечот со Вашингтон Македонката Катерина Трајкова го развиори знамето на теренот откако заедно со играорци од Турција одиграа Пајдушко оро.

Осман не ја заборава Македонија, па кон крајот на јули минатата година престојуваше во Охрид со семејството, а добредојде на аеродромот во родниот град му посака турскиот концесионер на македонските авиопристаништа ТАВ.

SHARE

1 Коментар

Comments are closed.