„Добра вест е што ВМРО-ДПМНЕ го прифати компромисот со Грција. Новоименуваните функционери потпишаа изјави со кои се обврзуваат да ги почитуваат Уставот и законите на Република Северна Македонија“, твитна Борјан Јовановски по изборот на техничката влада за спроведување на вонредните парламентарни избори.

Пред претседателските избори, пак, кандидатката поддржана од опозицијата Гордана Силјановска-Давкова медиумите блиски до власта ја удавија со прашањето како ќе се чувствува како прв шеф на државата „Северна“, ако победи. За потоа да ја распнат кога во ТВ-дебата рече дека ќе го почитува Преспански договор бидејќи тој стана дел од Уставот, но како индивидуа секогаш ќе го одбегнува називот Северна Македонија.

Што им е заедничко на двата пасуса? Врвно лицемерие. Хипокризија „пар екселанс“. Нешто како кога крадецот на цел глас вреска „Држ’те го крадецот!“.

Не амнестирајќи ниту еден актер на политичката сцена за тоа што (не) направил при промената на името на државата, но со кое (морално) право тие што го сменија му префрлаат на друг дека „си легнал на брашното“? Наместо да се скријат во глувчешка дупка и да се молат некако да ги заобиколи заслужената казна за прекршувањето на еден куп уставни, законски и деловнички одредби, вклучувајќи го и игнорирањето на јасно искажаната народна волја на пропаднатиот референдум лани, тие нашле да се исмеваат некому?!

Да не е трагично, би било смешно. Извршете убиство, па потоа тие што ве предупредувале, па дури и ве молеле да не го правите тоа, обвинете ги зошто не ја оживуваат жртвата?!

Мегафоните на власта свесно премолчуваат дека и нивните пулени се заколнаа оти ќе го почитуваат Уставот на Република Македонија кога седнуваа во владините фотелји, а лидерот им Заев дури му потпиша и гаранции на тогашниот претседател Иванов, па око не им трепна кога постапија спротивно. Огромното мнозинство од народот, посебно од македонскиот како најзасегнат, буквално ги преколнуваше да не го уриваат тоа што со крв и со пот го градеа генерации Македонци низ вековите, но тие се правеа глуви. За сега, откако го сменија името, да ги „офираат“ опонентите дека потпишале заклетва со „Северна“, за самите да почнат да врескаат „Да живее Македонија!“ (како Шилегов) како што наближуваат изборите!

„Кочи мајсторе, попадасмо у кривину“ со прешалтувањето на морализаториве без морал од набедени велепредавници до самозамислени родољуби. Да не испадне на крајот дека власта, всушност, цело време се борела за (името) Македонија, а опозицијата за „Северна“?!

До толку недугави не ќе да се тие од кои ќе се бара глас на 12 април.

SHARE