Кога „тоталитарна Македонија“ беше ветената земја за Бугарите – Пишува Ненад Живановски

Во интервјуто, објавено во претпоследниот број на „Фокус“, бугарскиот историчар и копретседател на Мешовитата комисија, професорот Ангел Димитров, една од своите тези за бугарското чувство на населението во Македонија по Берлинскиот конгрес ја објаснува со податокот дека по востанијата и по војните бегалските текови од Македонија биле насочени главно кон Бугарија. На крајот од неговата аргументација тој прашува: „Зошто го прават тоа ако Бугарија е непријателска сила и нивната активност е спротивна на бугарските национални интереси?“.

Во едно друго интервју, временски блиско во објавувањето, министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, во желба да ја оцрни македонската историја по Втората светска војна, тврди дека во тоталитарна Македонија, како дел од тоталитарна Југославија, биле репресирани сто илјади Бугари, а биле убиени дваесет илјади нивни сонародници.

Кон оваа историска дискусија би ја приклучил и изјавата на премиерот Зоран Заев дека Југославија нè одделила да бидеме блиски со Бугарите.

Овие три изјави на двајцата репрезенти на официјалната бугарска политика и на македонскиот премиер, иако немаат некоја директна историско-временска поврзаност, сепак, се исклучуваат едните со другите. Односно, ако ја прифатиме спомнатата теза на проф. Димитров како точна, тогаш она што го тврдат Захариева и Заев е нелогично. И обратно.

За да се објасни неконзистентноста на нивното тврдење, ќе се послужам со еден настан од моето рано детство кој се случува некаде на крајот на седумдесеттите години на минатиот век. Тогаш, како 8-9 годишно дете, со моите родители и постариот брат, првпат отпатувавме некаде надвор од државата. Бевме во Бугарија.

Дводневниот престој брзо ни помина, а на враќање за Скопје патот, наместо преку Ќустендил, нѐ водеше кон Благоевград, бидејќи татко ми не успеа во Софија да најде делови за „москвичот“, па сакаше да ги побара во Благоевград. Во Благоевград пристигнавме некаде рано претпладне. Автомобилот го паркиравме на тротоар, на периферија на градот, од каде се упативме пешки кон центарот. По неколку часа шетање и пазарување, натоварени и уморни, се вративме кај автомобилот. Спомен од тој шопинг, кој го чувам и ден-денес, ми беше кафеава кожнена чанта, на која кружно, со бели букви, пишуваше: „Фестивал на политическата песен ‘Ален Мак’ Благоевград“.

И додека „москвичот караван“, отворен на сите пет врати, го полневме со купените дребулии (од автоделови до кашкавали), сосема незабележително, од зад грб, ни се доближи еден средовечен маж со проретчена, проседа коса и мустаќи. Се поздрави со моите родители, а на брат ми и на мене ни се претстави како бај Димитар. Додека стоевме пред колата, на татко ми и мајка ми им зборуваше како нѐ забележал кога сме се паркирале, ја видел регистрацијата на автомобилот (сѐ уште ја помнам: SK, па црвена петокрака, 52-87) и решил да нѐ чека додека се вратиме. За цело време од разговорот со моите родители, оставаше впечаток на уплашен човек, тивко зборуваше додека со очите постојано ја разгледуваше околината. Веројатно, сакаше да се осигура дека не сме набљудувани од некого. Во еден момент, тивко, изусти: „И јас сум Македонец како вас, но не смеем за тоа јавно да зборувам“.

Иако во тие моменти (како што ќе се покаже подоцна) се испишуваше важен дел од нашата семејна историја, на брат ми и на мене веќе ни стануваше здодевно, а и нозете нè здоболуваа од стоење, така што влеговме во автомобилот. Нашите родители останаа уште некое време да зборуваат со бај Димитар. На разделба, забележав како татко ми напиша нешто на едно ливче и му го подаде на чичко Димитар. На пат кон Скопје дознав дека му ја дал нашата домашна адреса.

По ова патување поминаа месеци, ако не и повеќе од една година, јас на средбата со бај Димитар и подзаборавив, сѐ додека еден ден не го слушнав татко ми како ѝ кажува на мајка ми дека на телефонот на работа му се јавил синот на бај Димитар, Ангел, и му кажал дека избегал од Бугарија. Бил на традиционалното „Свиждане“ во Штип и решил повеќе да не се враќа назад. Го замолил татко ми да му помогне да се смести некаде. За татко ми, кој беше управител на еден од студентските центри, не беше поголем проблем да му најде студентска соба. Потоа, како што налагале прописите, го пријавил во милиција, која, за вакви случаи, имала стандардна процедура на проверка и испрашување.

По неколку недели од оваа наша мала семејна драма, добивме од Ангел разгледница. Фотографијата на неа беше од Бања Ковиљача во Србија. Пишуваше дека многу му се заблагодарува на татко ми за сѐ што сторил за него. (Многу години подоцна, по друга причина дознав, но ја поврзав со случајот со синот на бај Димитар, дека во СФРЈ во Бања Ковиљача бил прифатниот центар во кој се сместувале сите кои емигрирале од источниот блок во Југославија. Таму поминувале 1-2 месеца, им се вршеле проверки и југословенските служби ги поврзувале со нивни роднини или амбасади од Запад каде сакале да емигрираат. По завршувањето на процедурата, со нови документи издадени од југословенските власти, како слободни луѓе, ги напуштале центарот и државата.).

Синот на бај Димитар во наредните две-три години наполно исчезна од нашиот живот. Сѐ до еден ден, кога на домашна адреса повторно добивме разгледница од него. Одново ни се заблагодаруваше за помошта која сме му ја пружиле. Пишуваше дека е добро, дека успеал да се снајде и дека животот за него почнувал од почеток. На разгледницата беше отпечатена фотографија од Телевизиската кула во Торонто.

Тоа беше и последниот контакт што го имавме со Ангел и со неговиот татко, бај Димитар.

Оваа мала, но, за мене, многу важна епизода од моето рано детство, на површина од сеќавањата ми излезе деновиве кога ги прочитав спомнатите во текстов изјави на Захариева, Димитров и Заев. Ако навистина тогашна Македонија, како дел од „тоталитарна“ Југославија, била толку репресивна кон Бугарите, зошто тогаш во толкав број Бугари емигрирале во една непријателска и сурова за нив Македонија? Ако таа држава, Југославија, била толку непријателски расположена кон Бугарите, зошто бегалците не ги враќала назад во Бугарија, туку им овозможувала нов почеток во животот? Многу од нив и не заминале во трети земји, туку останале да живеат во „тоталитарните“ Југославија и Македонија. Зошто биле организирани „Свижданата“ ако југословенската политика била да разделува? Конечно, зошто Бугарите не бегале во Грција и во Турција, кои, барем формално, претставувале дел од западната демократија и капитализмот? По сѐ изгледа, тврдењата на Захариева и на Заев не се во согласност со реалноста која тие години и децении се одвивала во релациите Бугарија – Македонија (Југославија).

Од друга страна, тезата на Димитров дека населението кога бега од својот дом најчесто оди таму каде што пријатно и безбедно се чувствува, дали може да се примени и во случајот кога Бугарите емигрирале во „тоталитарна Македонија“? Далеку од здрав ум би било да припаѓаш на народ, на кого во една држава му репресирале 100.000 сонародници и му убиле 20.000 од нив, а ти токму таму да го бараш својот спас.

Многу почесно е да се каже дека во „тоталитарните“ Македонија и Југославија не биле убиени 20.000 Бугари, туку многу од нив нашле засолниште од репресиите во сопствената држава и нова надеж за нов и слободен живот. Па, и најпознатиот бугарски дисидент Ѓорги Марков својот пат во подобар живот го започнал токму преку бегството во Југославија, за на крај да биде убиен во центарот на Лондон од бугарската тајна служба,во познатата приказна со фамозниот „бугарски чадор“.

Иако веќе при крајот од својот биолошки живот, оваа бугарска емиграција од времето на комунизмот, ако реши јавно и чесно да прозбори и посведочи за своите емигрантски искуства во Југославија, сигурно дека многу непријатни би биле нивните сведоштва во однос на она во што сакаат да нѐ убедат Захариева и Заев.

За телевизиските антени, кои веројатно и родителите на Захариева, а можеби и почитуваниот проф. Димитров, скришно ги вртеле во младоста кон нивниот запад, за да успеат да фатат Телевизија Белград или Телевизија Скопје, како прозорец кон еден поинаков, слободен свет, и кон земјата која за многумина Бугари била ветена, во некоја друга прилика.

SHARE