Миле Стефановски од Солун е најдобриот амбасадор на Македонија и на Македонците во Грција со добрите дела направени за многу туристи од регионот со некаква мака при престојот кај јужниот сосед.

Многубројни примери на помош од популарниот Ципе Миле се евидентирани во исказите на благодарност од посетители на страницата „Live from Greece“ на Фејсбук.

„Ако откаже автомобилот, агенцијата не обезбеди адекватно сместување или некој се разболи, тука е Ципе Миле. Зад тој необичен прекар се крие 28-годишниот Македонец Миле Стефановски, кој се занимава со изнајмување и со продажба на апартмани. Иако живее во Солун, им помага на луѓето од цела Грција. Студирал право на Државниот универзитет во Солун и по дипломирањето останал да живее во тој град. Не зборува многу, повеќе сака делата да зборуваат самите за себе“, го претставува „Спутник“ македонскиот доброчинител.

Стефановски им помага на луѓето без надомест, кога и да биде повикан, користејќи го познавањето на грчкиот јазик, кој не го знаел кога дошол да студира, за луѓето што бараат помош да платат нормална цена.

„Грците се такви, тие се по малку националисти во душата. Кога им зборувате на грчки, сè е поинакво, па и цените. Кога ќе слушнат англиски, а знаат дека некој има проблем, дека нема каде, тие дерат“, вели идниот српски зет.

На прашањето како, како Македонец, поминува во Грција, одговара дека нема никакви проблеми, бидејќи, пред сè, се труди да избегнува такви теми.

„Мислам дека е пресудно тоа што луѓето ги гледам низ карактерот, никако по националноста, така е и на Фејсбук. Доста Македонци има внатре во групата, има и Хрвати, луѓе од Босна, разни, оние што ги разбираат југословенските јазици, не им помагам само на Србите. Им помагам на сите, но кога е некоја банална работа во прашање, искулирам. Пишуваат и бараат и разни глупости. Не се обѕрнувам на тие луѓе“, објаснува Стефановски.

SHARE