Обединета македонска дијаспора (ОМД) се спротивставува на договорот Заев-Ципрас, потпишан вчера од министрите Димитров и Коѕијас во Нивици, ќе остане со народот и ги повикува Македонците да ѝ се придружат во таа борба, порача претседателот Методија Колоски преку видео обраќање.

„Мојот татко почина кога имав 16 години, на Илинден 2000 година. Татко ми силно би се противел и би се поревртувал во својот гроб кога би знаел каков договор потпиша Македонија. Прво, овој договор не дава никакви гаранции за македонската иднина. Второ, мнозинството од македонскиот народ се спротивставува на овој договор. И трето, Македонија го губи својот суверенитет како резултат на ова“, вели во пораката првиот човек на најголемата организација на македонските иселеници во светот од просториите на македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто, каде што минатиов викенд ја посети најголемата македонска заедница во Северна Америка.

„Ќе останеме со народот, се противиме на овој договор и бидете со нас. Придружете ни се и бидете вклучени со Обединета македонска дијаспора и со движењето ‘Ние сме Македонија’“, додава Колоски.

 

SHARE

Comments are closed.