Колозова бара Заев да се ослободи од религиозни радикали како Мухамед Зекири

Една од најголемите поддржувачи на владините политики за името и Преспанскиот договор професорката Катерина Колозова бара премиерот Заев да се ослободи од екстремисти на верска основа меѓу кои го вбројува потпретседателот на партијата Мухамед Зекири.

Во дебата на пост на лингвистот и аналитичар Арменд Нухиу кој бара СДСМ да ангажира квалитетни Албанци во своите редови, Колозова вели дека Заев треба да бара Албанци левичари а не исламски радикали.

“Треба да се ослободи од религиозните радикали, како Мухамед Зекири, затоа што тоа е сериозен проблем во очите на Европа и особено Франција (на панелот организиран од тинк тенкот Еуропа Нова во Париз на почетокот на месецов, ова беше прва од трите теми поврзани со пристапувањето на МК во ЕУ). Бергхоф фондацијата лани излезе со студија за проблемот на средноисточните екстремистички влијанија во земјава а Франција прашува што правиме со тој проблем. Треба лево ориентирани Албанци кои идеолошки ќе му одговараат на СДСМ а не ликови како Зекири”, пишува Колозова.

Вториот човек во СДСМ Зекири е поранешен новинар а има завршено средно теолошко училиште но во јавноста освен нападите кон поглаварот на ИВЗ Реџепи нема досие на исламски радикал.

Колозова не открива врз основа на што го обвинува Зекири за муслимански радикализам.

SHARE