Колозова застана во одбрана на Силјановска

Професорката Катерина Колозова која што е поддржувач на Преспанскиот договор како корисен за Македонија застана против нападите на полова и други основи врз професорката Гордана Силјановска Давкова по нејзиниот избор за кандидат за претседател од страна на опозицијата.

Колозова реагира на коментарите на социјалните мрежи од приврзаници на власта но и на опозицијата во кои Силајновска се нарекува баба, бабичка, дека е стара жена што не може да издржи кампања и цел мандат како претседател и други навредливи изрази.

За неа Силјановска е чесна, има остар ум, има политички талент.

Иако според сопствено признание е дел од „провладиниот камп“ Колозова ги критикува неуверливите напади врз Силјановска и предупредува дека со ваков однос приврзаниците на СДСМ можат да ги антагонизираат жените кои што се дел од владеачкиот камп.

„Мизерна е мизогинијата кон Гордана Силјановска и омалуважувањата кои висат така, неуверливи. Може по сто прашања да не се согласувам со неа но дека е чесен човек, остар ум и дека има политички талент е факт. Барем признајте дека противникот е достоен“, пишува Катерина Колозова.

На нејзиниот коментар реагираат приврзаници на СДСМ кои што без да понудат аргументи контра Силјановска ја обвинуваат дека е националист, дека е неаргументирана и притоа користат измислени изјави кои ги пренесоа неколку провладини портали со сомнителна релевантност.