Македонија Колумни

Остри реакции во Бугарија и Грција околу „спектаклот“ „Враќањето на бугарскиот цар Самуил во татковината“ (2)

Пропагандниот циркус „Враќањето на посмртните останки на бугарскиот цар Самуил во татковината Бугарија“, кој без никакво сомневање има за цел да го поттикне создавањето на „заедничката историја на Македонија со Бугарија“, односно бугаризирањето на автентичната македонска национална историја, наидува на негативни и критички реакции токму во Бугарија и Грција – двете држави, кои го приредуваат овој „спектакл“ и „лошососедско“ политичко поигрување со сѐ уште научно непотврдените мошти – дали и навистина му припаѓаат на инаку македонскиот цар Самуил.

Пишува: Свето Тоевски

Во својата статија со наслов „Грција ќе ѝ ги врати на Бугарија посмртните останки на средновековниот цар Самоил“, објавена на 30 септември 2026 година „Medievalists.net“ објави фотографија на наводните посмртни останки на царот Самоил, со објаснувачки текст под неа: „Скелет, откриен во една од гробниците во базиликата ‘Свети Ахил’ во Мала Преспа, кој археологот Николаос Муцопулос подоцна го идентификуваше како посмртни останки на цар Самоил. Фотографија од ископувањата на Николаос Муцопулос во 1967 година / Археолошко друштво во Атина.“ „Medievalists.net“ е канадски интернет-портал за археолошки ископувања и истражувања на средниот век.

Во својата статија со наслов „Договор за илјада години споделено, заедничко паметење меѓу Грција и Бугарија“, објавена на 29 септември 2026 година, грчкиот електронски весник „AlphaFreePress“ од Атина нималку случајно користи изрази  „посмртни останки, што му се припишуваат на Самуил“ и „тоа е сѐ уште археолошка мистерија“.

„Враќањето 48 грчки реликвии од Бугарија и предавањето на реликвиите, што му се припишуваат на Самуил, повторно отвораат фасцинантно поглавје од илјада години, од конфликтот со Василиј II и битката кај Клеидиј  (Беласица – заб.прев.) до археолошката мистерија кај ‘Свети Ахил’. Беа потребни повеќе од сто години, за да се затвори славата, што се роди во мугрите на Првата светска војна. И беa потребни повеќе од илјада години, за да се сретнат повторно, на сосема поинаков начин, двата света, кои некогаш се судрија со невиден просперитет на Балканот. Грција и Бугарија продолжуваат со договор со силен историски и симболичен товар. Осумнаесет црковни и историски реликвии, кои беа пренесени во Бугарија во 1917 година, се враќаат во Грција. Во исто време, грчката страна ѝ ги предава на Софија човечките останки, што му се припишуваат на цар Самуил, еден од најважните водачи на средновековната бугарска историја. Ова е договор што оди многу подалеку од движењето на историски предмети од еден музеј во друг. Зад 48-те артефакти и пронајдени предмети стои приказна, што ги поврзува војните, империите, династиите, манастирите, археолошките ископувања, националните сеќавања и еден од најдраматичните воени наративи од средниот век.“ – истакнува грчкиот медиум во статијата.

 

Александар Стојанов

Негативните и критички реакции во моментов се најизразени во Грција и кај дел од бугарските историчари и интелектуалци. Бугарскиот историчар Александар Стојанов отворено, со употреба на тешка иронија, критикува дека овој настан се користи, заради предизборен политички маркетинг, во функција на внатрешно-политички цели пред претседателските избори во октомври 2026 година.

„Медиумската возбуда и фрка околу враќањето на наводните останки на цар Самуил во Бугарија од страна на Грција ќе нè преплави во следните неколку дена. Погребувањето на Самуил на островот Свети Ахил не е 100-процентна историска вистина, туку сепак останува претпоставка. Ова нема да спречи дивиот патриотизам да беснее во Бугарија, односите со Македонија да достигнат нов врв,  а премиерот Радев и  и претседателот да се наречат ‘обновувачи на бугарското историско наследство’ во пресрет на октомвриските избори. Ова е уште една трагикомедија.“ – напиша на својот фејсбук-профил Стојанов.

Бугарскиот историчар  Горан Благоев, автор на документарниот филм „Островот на цар Самоил“, посочува дека не ја прифаќа некритично сенародната еуфорија и го нарече „политички цинизам“ тргувањето со коските на цар Самуил. Тој  изнесува суштинска забелешка: „Грција не ги ‘враќа’, туку ги ‘дава’ останките.“. Според него, ако бугарската држава навистина се води од историски аргументи, останките требало да бидат повторно погребани во базиликата „Св. Ахил“, каде што биле пронајдени, а не да бидат пренесени во Софија. Преку општествената мрежа Благоев нагласува дека „процесот е политичка зделка“.

Кристијан Ковачев

Бугарскиот историчар д-р Кристијан Ковачев на 2 октомври 2026 во интервју за Радио Благоевград рече дека научната идентификација на останките на царот Самуи не е целосно завршена, нагласувајќи дека „треба да се прави разлика меѓу „националниот расказ“ и „научните дискусии“. Тој смета дека е научно поточно засега да се зборува за „наводни останки на цар Самуил, сѐ додека не се направат дополнителни анализи“.  „Подготовките за префрлање на останките се избрзани и без доволни консултации со академската заедница. Овој договор со Грција  има политичка димензија, поврзана со односите меѓу Софија, Атина и Скопјe. Се надевам дека тоа нема да доведе до дополнителна напнатост меѓу Бугарија и Македонија. “ – изјави Ковачев.

Митрополитот на Грчката православна црква Доротеј од Драма

Во Грција се искажуваат уште поостри критики, но има и сериозна институционална реакција. Митрополитот на Грчката православна црква Доротеј од Драма остро го доведува во прашање договорот за „примопредавање“ меѓу Грција и Бугарија. Тој предупредува дека со „предавањето на Самуиловите останки Грција може да ја изгуби преговарачката позиција за враќање уште стотици црковни предмети и ракописи однесени во Бугарија“. Според него, само од манастирот Панагија Еикосифиниса биле однесени околу 800 црковни предмети и 430 ракописи. Доротеј јавно побара грчкиот премиер Мицотакис да ја повлече својата согласност / потпис на договорот, поради „стравувањето дека Грција со предавањето на останките го губи значајниот адут во натамошните преговори со Софија“.

Уште посериозно: според грчките извештаи од 2 октомври 2026 година, Здружението на грчките археолози се спротивставило на договорот и го проблематизирало начинот на кој е склучен, односно на третирањето на културното наследство како предмет на политичка размена. Но, има една важна нијанса: критиката во Грција главно не е за „македонскиот“ или „бугарскиот“ идентитет на Самуил. Главните приговори во реакциите во Атина се дека „останките се археолошко и културно наследство, пронајдено во Грција“ и оти тоа наследство не треба да се третира како „дипломатска размена“.

Грчките археолози: „Археолошките наоди не можат да се разменуваат“

Михалис Лихунас

Грчкиот археолог Михалис Лихунас јавно реагираше против договорот за „враќање на бугарскиот цар Самуил во Бугарија“,. Тој смета дека „наодите од археолошко ископување не можат и не смеат да се разменуваат…“  Лихунас го оцени договорот како „национално предавство/национална капитулација“  и „непоправлива штета врз етиката на законските размени“.

Грчки критичари прашуваат дали е прифатливо археолошки материјал, откриен на грчка територија, да биде ставен во истата категорија со предмети однесени во Бугарија во 1917 година.

Костас Ѕаварас

Поранешниот грчки министер за култура Костас Ѕаварас е категоричен: „Договорот меѓу Бугарија и Грција е катастрофален“. Ѕаварас, кој бил грчки заменик-министер/министер за култура во периодот 2012–2013, учествувал во претходните преговори со Бугарија. На 30 септември 2026 година тој јавно изјави: „Договорот за Самуил е катастрофален, ја распродадоа целата работа.“ Тој тврди дека „археологот Николаос Муцопулос ги предал останките на Самуил со услов тие да не ѝ бидат дадени на Бугарија сѐ додека не бидат вратени сите реликвии, украдени од грчките манастири“.

Грчкиот медиум „Ef Syn“ на 2 октомври ја објави анализата со наслов: „Екстремно контроверзниот договор меѓу Грција и Бугарија“. Медиумот известува за гнев кај археолозите, реакции од црковни кругови, политички критики, дали воопшто било консултирано Централното археолошко советодавно тело на Грција и дали останките воопшто се третираат како археолошки материјал. „Ef Syn“ го пренесува пишувањето на Дојче веле на македонски јазик дека „бугарските историчари стравуваат оти по договорот Бугарија-Грција Македонија може да ги побара реликвиите, кои биле насилно одземени од нејзината територија“! 

„Дискусијата ги разбуди старите балкански страсти. Германскиот медиум ‘Дојче веле’ го насловува својот напис ‘Враќањето“ на Самуил: Политички успех или историски цинизам?’ и ги бележи  стравувањата на бугарските историчари дека по договорот меѓу Бугарија и грција сега Македонија и Србија може да побараат реликвии што биле насилно одземени од нивните земји.“ – објави споменатиот грчки портал.

(продолжува)

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна историско-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан

„Секое одложување на поврзувањето е пропуштена можност. Секоја одложена инвестиција има економска последица. И секоја политичка цел има цена којашто не ја плаќаат институциите, туку граѓаните“

(Видео): Филипче лаже за Алта банка – немало забрана за работа во ЕУ за банката, тврди ВМРО-ДПМНЕ

Портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски, на прес-конференција го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека шири невистини за банката и за нејзиниот сопственик Давор Мацура.

(Видео): СДСМ поднесе кривична пријава за Трајко Славески – бара да му се воведат мерки на претпазливост

СДСМ бара мерки на претпазливост за Трајко Славески и за останатите лица, вклучително привремена забрана за вршење должности на сите инволвирани, за, како што рече Димитријевиќ, да се спречи влијание врз сведоците и можно уништување на документацијата.

Стојаноски: СДСМ бега од вистината за Алта банка, бараме итно продолжување на надѕорната расправа

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски денеска изјави дека СДСМ одбива да свика продолжение на надѕорната расправа за Алта банка, по вчерашните случувања на седницата.

Порибено Преспанското Езеро со речиси 7 илјади млади крапови

Порибувањето е спроведено од страна на регистрираното мрестилиште „Акватика“ од Неготино за чија реализација се обезбедени 500.000 денари од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2026 година.

„Н.М.“: Пукнатините во ЕУ се сè подлабоки! Каква доверба во неа да има Македонија, кога чека со години пред нејзините врати?!

Европа сè поретко е на главните маси на кои се носат важните геополитички одлуки, а сè почесто е во улога на набљудувач, коментатор или спореден учесник на настаните. Земјите- членки на ЕУ ја користат секоја можност пред донесувањето на заедничките одлуки да се осврнат на своите национални потреби како приоритетни, дури и кога станува збор за интереси на целата Унија. Во ЕУ се редат закани со блокади, финансиски условувања и национални калкулации. Каква доверба во таква Европа треба да имаат земјите кандидати, што со години чекаат пред нејзините врати? – ова се истакнува во анализата со наслов „Пукнатините во ЕУ сè повеќе се продлабочуваат! “, која е објавена во весникот „Нова Македонија“.

To top