Македонија Колумни

Пропагандниот циркус „Враќање на моштите на бугарскиот цар Самуил“ на Радев, Каракачанов, Јотова – пренасочување на вниманието на јавноста (1)

На 23 дена до одржувањето на изборите за нов претседател на Бугарија бугарските политичари, предводени од сѐ помалку популарниот премиер Румен Радев, организираат пропаганден циркус „Враќање на коските на бугарскиот владетел Самоил во татковината“. Во бугарската јавност и меѓу тамошни експерти наидува и на тешка иронија, остри критики и коментари дека е „уште една бугарска трагикомедија“, „операција заради одвлекување на вниманието на гневната јавност и населението од економските неуспеси на владата и Радев лично“, но и како „предизборна пропаганда“ и „претстава за јавноста“ во екот на предизборната кампања спроти изборите за нов шеф на бугарската држава, закажани за 25 октомври 2026 година. Во бугарската јавност и на тамошните општествени мрежи веќе кружат негативни и зајадливи коментари во стилот „бугарскиот народ гладува и нема пари за леб и да плаќа сметки, а власта прави циркуси со коски“, „народот сака да купи месо без коски, а тие нам ни нудат коски, кои се за во музеј“ и „покрај коските, кога ќе му го земете и духот на Самоил, кога ќе го донесете и него во Бугарија“?!

Пишува: Свето Тоевски

 

Красимир Каракачанов е претседател на бугарската партија ВМРО и член на иницијативниот комитет (изборен штаб) на Илијана Јотова, која ќе учествува на овие избори. На 30 септември 2026 година Красимир Каракачанов, во улога и како поранешен бугарски вицепремиер, му упати дрска и провокативна покана на лидерот на ВМРО ДПМНЕ и претседател на Владата на Македонија Христијан Мицкоски „да присуствува на 3 октомври 2026 година на враќањето на посмртните останки на големиот бугарски владетел цар Самуил во неговиот роден град, во Софија, како знак на почит кон една од најзначајните личности во нашата заедничка средновековна историја“!

Истиот ден Илијана Јотова, која е официјална кандидатка за нов претседател на Бугарија, ќе изјави: „Што се однесува до моштите и посмртните останки на цар Самуил – конечно неговата неспокојна душа ќе ги најде спокојот и својот дом. Тој се враќа во саканата Бугарија, која ја бранеше по цена на сѐ и за која загина, гледајќи ги ослепените војници. Ова е исклучително достигнување на бугарскиот премиер Радев и на бугарската дипломатија. Тоа е успех за Бугарија и за сите нас.“

На 20 септември на почетокот на седницата на бугарската влада главниот шеф на овој софиски „царски циркус“ премиерот Румен Радев рече: „По засилени преговори Бугарија и Грција постигнаа историска спогодба – за враќање на посмртните останки на големиот бугарски цар Самуил во неговата татковина. Шеесет години не престануваа напорите на бугарската држава да ги врати посмртните останки на еден од нејзините најголеми владетели. Неговите посмртни останки се враќаат во татковината, за да се поклониме пред споменот за него. Заедничкото членство на Бугарија и Грција во Европската Унија ѝ помага на секоја од двете земји подобро да ја разбира чувствителноста на другата.“

 Румен Радев како премиер ќе присуствува на официјалното предавање  на „посмртните останки на бугарскиот владетел Самуил“ во Музејот на византиската култура во Солун на 3 октомври, на церемонија чиј домаќин е грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Потоа бугарската влада ќе организира официјално пречекување во Софија истиот ден, на 3 октомври, со процесија до црквата „Света Софија“. Зошто Радев ова го организира како бугарски премиер? Тој веќе се соочува со сериозен и постојан опаѓачки политички рејтинг, личен негов и на целиот негов министерски кабинет.

Најновото истражување на Market Links, спроведено 22–29 септември 2026 врз 1.006 полнолетни бугарски граѓани, покажува: 44% имаат доверба во премиерот Румен Радев, а 39% немаат доверба. Во јуни 2026, непосредно по формирањето на владата, Market Links му измери на Радев 53 отсто доверба и 28 отсто недоверба, при што беше најодобруван политичар во истражувањето. Бројките се уште понеповолни за бугарската влада: 39 отсто доверба и 40 отсто недоверба. Тоа значи дека во септемвриското мерење недовербата во бугарската влада веќе ја надминала довербата, иако разликата е мала. Заради споредба, истражувањето на Gallup од крајот на јули / почетокот на август 2026 година покажа само 42 отсто доверба во владата, а 43,2 доверба во Радев лично наспроти 38,7 отсто недоверба. Социологот Добромир Живков искоментира дека довербата и недовербата ко Радев веќе се приближуваат на исто рамниште.

Покрај тамошните медиуми и политичките аналитичари, не само поединци, туку веќе и цели слоеви на бугарското население, се посилно го напаѓаат Радев лично како премиер и неговата влада во целина за неисполнети предизборни ветувања, за серија корупциски скандали, кои се се уште во фаза на обвиненија, за нови прекумерни задолжувања на Бугарија во странство, за опаѓање на животниот стандард на обичниот бугарски граѓанин… поради овие причини, во изминатите месеци во бугарските градови веќе се случија масовни антивладини протести, кои се едновремено протести и против Радев како премиер.

И што прави во оваа ситуација сега сѐ помалку популарниот, поточно сѐ повеќе непопуларниот Радев?! Ја зема „македонската карта“ в рака, наречена „враќање на бугарскиот цар во татковината“, за да го пренасочи вниманието на гневната бугарска јавност од себе кон „историскиот успех со Самоил“! Поправо, Радев е шефот на „циркусот Бугарски владетел Самоил“, во кој од пропагандни и „торжествено-национални причини“ учествуваат цела сурија политичари, предводени од Јотова, Каракачанов и други ликови како кандидати за нов шеф на бугарската држава.

Бугарскиот медиум „Клуб Z“ отворено го толкува временското совпаѓање на „враќањето на останките на Самоил во татковината“, со  претседателската кампања и зголемените критики кон економската политика на владата како можна ‘операција заради по одвлекување на вниманието’. „Среде растечките критики поради нејзините економски политики Владата во Софија, организира национално добредојде за Самоил. Ова се организира во екот на претседателската кампања и во заднината на мерките, што ги објави владата, кои се силно критикувани од економистите, а јавноста ги дочекува со мешани чувства. Така, враќањето на посмртните останки во овој момент се покажува како операција за одвлекување на вниманието на јавноста од страна на министерскиот кабинет на Радев.“ – заклучува „Клуб Z“.

Влијателниот софиски медиум „Mediapool“ ја пренесува фејсбук-објавата на бугарскиот историчар Александар Стојанов, кој отворено, со употреба на тешка иронија, критикува дека овој настан се користи заради предизборен политички маркетинг, во функција на внатрешно-политички цели пред претседателските избори во октомври 2026 година.

„Медиумската возбуда и фрка околу враќањето на наводните останки на цар Самуил во Бугарија од страна на Грција ќе нè преплави во следните неколку дена. Погребувањето на Самуил на островот Свети Ахил не е 100-процентна историска вистина, туку сепак останува хипотеза, заснована врз толкувањето на наодите и дополнителното замаглување на изворите. Ова нема да спречи дивиот патриотизам да беснее во нашата земја, односите со Македонија да достигнат нов крешендо (нов врв – заб.прев.), а премиерот Радев и  и претседателот да се наречат ‘обновувачи на бугарското историско наследство’ во пресрет на октомвриските избори. Општо земено, ова е уште една трагикомедија.“ – напиша на својот фејсбук-профил Стојанов.

(продолжува)

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Министерот Велковски го отвори новиот Центар за лица со попреченост во Кочани

Новиот Центар за лица со интелектуална и комбинирана попреченост е сместен во Комплексот „АСНОМ“ во простории кои претходно беа руинирани и напуштени. Општината комплетно ги реновираше

Повик ЈО да постапи по обвинувањата на Филипче кон Славјанка Петровска за криминал тежок 37 милиони евра

Не може да се игнорира овој скандал кој го обелоденува токму Венко Филипче. Тука сме да му помогнеме нему и да побараме токму од Јавното обвинителство, по допрен глас, да реагира и да го сослуша Венко Филипче за, како што самиот обвини, криминалот на Славјанка тежок 37 милиони евра

Обвинителството бара одбивање на гаранцијата понудена од првообвинетиот за пожарот во Дискотекта „„Пулс“

Понудениот недвижен имот бил предмет на извршна постапка и не можел да биде оптоварен со хипотека, а камоли да се реализира како средство за обезбедување од амбри, шупи и штали

Најнови вести

To top