Македонија Колумни

Заветот на Анте Поповски до Македонците да ги зачуваат Македонија и македонскиoт јазик и неговите пораки до Европа

„Јазикот на еден народ е негов златен штит, негова татковина и најголема духовна вредност. Пеев уверен дека она што го пеам на ниеден друг јазик не може да се испее освен на јазикот на големата судбина на Македонците. Тие, чија адреса е запишана во Библијата, кријат некоја тајна за иднината на светот: зашто тие се сеќавање на свеста, на вековите кои одминале. Оган – кој не згаснува.“ – има напишано за македонскиот јазик и народ великиот поет на македонската кауза Анте Поповски. Тој почина на денешен ден, на 1 октомври 2003 година. Оваа 23-та годишнина од неговата смрт е соодветен повод за ново навраќање кон творештвото на овој волшебник на македонската поетска реч и кон неговите вонвременски пораки, кои еднакво силно одекнуваат и денес

Пишува: Свето Тоевски

Анте Поповски, како еден од најзначајните столбови на современата македонска поезија, но и на македонскиот национален и јазичен идентитет, преку своето творештво упатува длабоки, вонвременски и универзални пораки, кои силно одекнуваат и денес, особено во контекст на односот на Европа и светот кон Македонија. Неговата поезија не е само локална или тесно национална;  таа е цивилизациски крик за правда, признавање и еднаквост. Преку своето богато поетско дело Анте на македонскиот народ му остави вечен завет за безусловна љубов, чување и одбрана на македонската татковина и македонскиот мајчин јазик како единствен златен штит и духовен простор на своето опстојување. Во својата поезија тој го воспева историскиот судир на македонскиот човек со страдањата. Неговиот завет е порака за издржливост: македонскиот народ, слично како каменот, мора да остане цврст, нескршлив и непокорлив пред сите бури и денес: историски, геополитички, „евроинтеграциски“…

Со своето творештво тој испраќал, но испраќа и денес, исто така, и до оваа културна и политичка Европа пораки дека македонскиот идентитет, јазик и култура не можат да бидат предмет на балкански и геополитички компромиси, зашто тие се исконска реалност, колку тие им се допаѓале, или не, на некои од „добрите соседи“. Преку мотивите на каменот, земјата, пепелта и преданието Анте докажува дека Македонецот со своите длабоки корени во европската и светската цивилизација опстојувал и опстојал низ вековите на оваа ветрометина.

Поетот на македонската судбина упатува преку својата поезија своевидна порака до Европа и дека македонскиот народ не бара „дозвола“, за да постои, туку бара само почитување на своето природно и историско право на самобитност. Дека Европа не може да биде целосна, ако го игнорира, или ако го негира еден од своите духовни столбови – македонскиот народ, кој стои со својот јазик и писменост во темелите на европската цивилизација.

Поезијата на Поповски често е исполнета со достоинствен пркос против неправдите, нанесувани врз македонскиот народ низ историјата (поделбите, негирањата, страдањата). Неговите песни се и „етички потсетник“: тој ја потсетува Европа на нејзините сопствени прокламирани вредности — хуманизмот, солидарноста и правото на самоопределување. Преку стиховите, тој суптилно предупредува дека градењето на европското заедништво преку бришење, или жртвување на идентитетот на помалите народи, е кршење на цивилизациските темели на таа Европа.

Анте Поповски ја позиционира Македонија како лулка на писменоста и како духовен крстопат на Европа. Неговите пораки се дека Македонија со својата духовност, јазик и култура преку делото на Кирил и Методиј, Климент и Наум, одамна е дел од ризницата на богатствата на европската цивилизација. Пораката на Поповски е универзална: слободата и достоинството на човекот се над секоја политичка конјунктура. Неговата поезија е повик за сочувување на човечноста во времиња на глобални кризи и превирања. Тој верува во конечната победа на светлината над мракот, на зборот над молчењето и на опстанокот над уништувањето.

Поезијата на Поповски, од првата до последната збирка, отсекогаш предизвикувала интерес кај читателската публика и книжевната критика. Богатото дело од вкупно 11 збирки поезија, кои што содржат неколку стотици песни и неколку илјади стихови, се непроценливо книжевно богатство, кое претставува не само еден од врвните дострели на современата македонска книжевност, туку е како трајна национална вредност на македонскиот народ и на Македонија.

Проф. д–р Венко Андоновски ја толкува поезијата на Анте како ракопис-поезија која постои истовремено и во минатото, и во сегашноста, и во иднината, нагласувајќи дека „своите стихови тој ги пишувал со светлината како мастило“. „Поповски во својот поетски краснопис како свое мастило ја користел светлината. Само таа ги спојува трите времиња: минатото, сегашното и идното, во едно. Само светлината била, е и ќе биде секогаш иста, велика и една, како и поезијата на Анте.“ – истакнува Андоновски.

Според академик Катица Ќулафкова, Анте Поповски ја творел својата поезија, приоѓајќи му на мајчиниот македонски јазик како душа на неговата татковина. „Мојот мајчин јазик (е) сраснат за мене како близнак.’ – вели Анте Поповски, заветно. Со тоа тој ја потврдува македонската кауза како негова лична и тематска константа, затоа што јазикот е душата на нашата татковина и не познава други граници освен нашата љубов и нашата памет. И кога библиотеките се уривале постоела надеж дека јазикот ќе преживее, со луѓето и камењата, со земјата.“ – напоменува Ќулавкова, посочувајќи на редица стихови на Поповски.

Една од најзнаменитите песни на Анте Поповски, посветени на неговата татковина е и песната  „Македонија:

Поповски беше еден од оние македонски книжевни творци, кои визионерски ја предвидоа македонската судбина. Во македонската поезија беше препознаван како поет на страдалната судбина на својот народ, како заветниот пророк Мојсеј, кој го води народот, го храбри да издржи и го поучува како се сака татковината. Во оваа смисла во 2008 година во „Развеано евангелие“ Анте запиша: „Записите, што доаѓаат од нашето минато, имаат смисла да потсетат дека и мртвите не можат да бидат спокојни и сигурни пред непријателот и пред несреќите на овој народ. Македонците до вчера немале ниту право да се сеќаваат и уште помалку да ја истражуваат својата иднина.“

Сумирајќи ги своите погледи за Анте Катица Ќулавкова заклучува: „Анте со песна остава аманет да се сочува Македонија. Тој секако ја сочувал во своите песни. Но дали песната е доволна?“

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

 

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан

„Секое одложување на поврзувањето е пропуштена можност. Секоја одложена инвестиција има економска последица. И секоја политичка цел има цена којашто не ја плаќаат институциите, туку граѓаните“

(Видео): Филипче лаже за Алта банка – немало забрана за работа во ЕУ за банката, тврди ВМРО-ДПМНЕ

Портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски, на прес-конференција го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека шири невистини за банката и за нејзиниот сопственик Давор Мацура.

(Видео): СДСМ поднесе кривична пријава за Трајко Славески – бара да му се воведат мерки на претпазливост

СДСМ бара мерки на претпазливост за Трајко Славески и за останатите лица, вклучително привремена забрана за вршење должности на сите инволвирани, за, како што рече Димитријевиќ, да се спречи влијание врз сведоците и можно уништување на документацијата.

Стојаноски: СДСМ бега од вистината за Алта банка, бараме итно продолжување на надѕорната расправа

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски денеска изјави дека СДСМ одбива да свика продолжение на надѕорната расправа за Алта банка, по вчерашните случувања на седницата.

Порибено Преспанското Езеро со речиси 7 илјади млади крапови

Порибувањето е спроведено од страна на регистрираното мрестилиште „Акватика“ од Неготино за чија реализација се обезбедени 500.000 денари од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2026 година.

„Н.М.“: Пукнатините во ЕУ се сè подлабоки! Каква доверба во неа да има Македонија, кога чека со години пред нејзините врати?!

Европа сè поретко е на главните маси на кои се носат важните геополитички одлуки, а сè почесто е во улога на набљудувач, коментатор или спореден учесник на настаните. Земјите- членки на ЕУ ја користат секоја можност пред донесувањето на заедничките одлуки да се осврнат на своите национални потреби како приоритетни, дури и кога станува збор за интереси на целата Унија. Во ЕУ се редат закани со блокади, финансиски условувања и национални калкулации. Каква доверба во таква Европа треба да имаат земјите кандидати, што со години чекаат пред нејзините врати? – ова се истакнува во анализата со наслов „Пукнатините во ЕУ сè повеќе се продлабочуваат! “, која е објавена во весникот „Нова Македонија“.

To top