Кондовец нападнал полицајци со пластичен пиштол во полициски час

Жител на Кондово на возраст од 18 години нападнал полицајци со пластичен пиштол на влезот на селото за време на полициски час на 18 мај, соопшти скопското Обвинителство.

„Додека еден од полицајците стоел покрај службеното возило, обвинетиот му пришол зад грб и со левата рака му направил лост на вратот, а со десната на слепоочницата му вперил пластичен пиштол кој личел на вистинско оружје. Потоа, на другиот полициски службеник му се заканил да не мрда затоа што ќе пука во неговиот колега. На ова вториот полициски службеник излегол од службеното возило и службениот пиштол го вперил кон обвинетиот наредувајќи му да го пушти колегата“, се вели во соопштението.

Откако напаѓачот не ја послушал наредбата и почнал да се движи наназад, полицаецот испукал предупредувачки куршум во воздухот, по што обвинетиот го пуштил неговиот колега.

Полициските службеници потоа му го одзеле пластичниот пиштол, но при обид да го совладаат, обвинетиот ги удирал со боксови, при што им нанел контузии и гребаници​.

Против напаѓачот е поднесена пријава за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста и за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

SHARE