Косово и се закани на Македонија за екстрадицијата на Морина

Косовските власти предупредуваат дека екстрадиција на Томор Морина не смее да има, затоа што тоа ќе ги наруши односите на Косово и Македонија.

Оваа порака до официјално Скопје ја упати скосовскиот амбасадор Ѓерѓ Дедај во изјава за ТВ21.

“Потсетувам дека неговата екстрадиција целосно се коси со човековите права и е незаконска и неприфатлива. Не треба да се случи, бидејќи можното екстрадирање веќе нема да биде на лична штета на Томор Морина, туку може да има последици врз меѓудржавните односи меѓу Република Косово и Република Северна Македонија. Не би сакале ваквите случаи да влијаат за можно нарушување, за кое, ние како Косово, воопшто не сме заинтересирани”, вели амбасадорот Дедај.

Индиректни закани за нарушување на односите доаѓаат и од Србија.

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ претходно денеска рече дека доколку  Северна Македонија не  го екстрадира Томор Морина, тоа ќе значи непочитување на меѓународното право.

Томор Морина, поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово, беше уапсен во земјава, по налог од Србија, кој ја бара неговата екстрадиција. Барањето е издадено од Интерпол – Србија, пишуваат српските медиуми.

Министерката за правда Рената Дескоска вчера рече дека до  Министерството за правда не е пристигнато барање за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК Томор Морина.

„Штом ќе пристигне, веднаш ќе биде препратено на судовите кои ќе треба да одлучат по тоа барање.

Досегашната постапка одеше по потерница на Интерпол, МВР врши запирање на лицето кое сакало да премине граница и потоа се води судската постапката. Ние како Министерство имавме досега единствено надлежност да ги известиме преку МНР амбасадите чијшто државјанин е лицето. Тој е државјанин на две држави, има британско државјанство и косовско државјанство. Ние согласно тие процедури веќе пративме известување до амбасадите коишто се во нашата држава”, рече Дескоска.

SHARE