Денешната одлука на Владата на Косово „да ги отвори државните граници на Република Косово со Македонија, Албанија и Србија“ се однесува на олеснување на одредени царински процедури со тие три земји и не значи дека се укинува обврската за приложување ПЦР-тест за македонските граѓани при влез во земјата, изјави за МИА членот на косовската Влада, Халил Матоши.

Заменикот министер во Владата на Авдулах Хоти изјави дека станува збор за „погрешно толкување од страна на некои медиуми“ на дел од соопштението од денешната попладневна седница на Владиниот кабинет.

Во соопштението по денешната владина седница беше наведено дека е донесена одлука „да се отворат државните граници на Република Косово“ кон Македонија, Албанија и Србија, што според дел од приштинските медиуми значеше дека граѓаните на трите соседни држави нема да имаат потреба да приложуваат тест со кој ќе докажат дека не се заболени од Ковид-19.

Меѓутоа, како што јави дописникот на МИА од Приштина, во официјалното соопштение од седницата на кабинетот на премиерот Авдулах Хоти, одржана со видео-конференциска врска, на ниедно место не се споменуваа тестовите или другите процедури кои граѓаните од тие држави треба да ги спроведат за влез во државата.

Вечерва и Владата во Приштина излезе со соопштение во кое појасни дека процедурите за влез на странски државјани во Косово остануваат непроменети.

SHARE