Сопственикот на Еуростандард банка, Трифун Костовски, објави јавен повик до претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, како и до претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Овој повик до вас, како највисоки државни претставници на Република Северна Mакедонија, е поврзан со стечајот на Еуростандард банка, а е поттикнат и се заснова на вчерашното интервју (во неделникот Фокус, од 03 Септември 2020), на гувернерката на Народна банка на Република Северна Македонија, Ангеловска-Бежоска, во кое таа недвосмислено укажува на фактот дека нејзината намера за ликвидација на Еуростандард банка била донесена, повеќе од една година наназад, користејќи го дискреционото право во сопствено име како гувернер, криејќи се зад институцијата Народна банка“, пишува Костовски како што пренесува Фактор.

Во продолжение Костовски вели:

„Фактот што вели дека нè поттикнала да вложиме нови 11 милиони евра во банката, прво како субординиран кредит, а на почетокот на годинава како докапитализација на банката, ние акционерите сметавме дека е во интерес за стабилизација на банката, а додека госпоѓата Гувернер тој притисок кој го изврши врз нас акционерите, не бил за стабилизација на банката, туку свесна дека ќе ја однесе банката во стечај имала за цел, да ги заштити интересите на клиентите на Еуростандард банка, тоа говори дека нејзините намери биле нечесни“, пишува Костовски.

Гувернерката на Народна банка, не покажа волја во ниту еден миг да го удостои потенцијалниот купувач ниту со една средба за негово интервенирање во стабилизирањето на банката, тврди сопственикот на Еуростандард.

„Ве повикувам како најсилни институции во земјава да помогнете во справувањето со оваа неправда, со која најоштетени се армија граѓани во Република Северна Македонија“, пишува во својот јавен повик бизнисменот Костовски.

SHARE