Професорката Наташа Котлар од Институт за национална историја не е изненадена од „навидум небрежната умнотија ‘мултиетнички народ’“ на премиерот Зоран Заев, бидејќи „не ни може друго да се очекува од тие што први се откажаа од АСНОМ“.

„’МУЛТИЕТНИЧКИ НАРОД’!?
Не изненадува што патрикот на ‘северната идеологија’ и неговата дружина, деновиве го промовираа поимот ‘мултиетнички народ’, сè уште неидентификуван, непознат, барем во современата научна мисла. Ова е резултат на две нешта – на необразованост на оние кои ја промовираат оваа навидум ‘небрежна умнотија’, но и на суптилна тенденција на оние (големите) кои ги користат првите, заради мистификација и олеснат инжинеринг во политичката намера. Не може ни да очекуваме нешто друго, од оние кои први се откажаа од АСНОМ-ските одредби, најпрвин во Уставот, а потоа и воопшто, односно од словото на Манифестот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ, народностите во Македонија и до македонската емиграција. Сега е појасно зошто се откажаа од таа содржина, бидејќи таму се зборува за МАКЕДОНСКИ НАРОД (се спомнува преку десетина пати) како реален фактор со историска оправданост на суверенитет на својата земја и на политичкиот живот. Значи народот, во нашиот случај македонскиот, е тој што води борба и постигнува одредени успеси или неуспеси, создава идентитет на конкретниот простор. И за разлика од другите народи, единствено македонскиот народ во својот историски òд, и во услови на туѓа власт (политичка и духовна) се сообразил со митско-генеративната моќ на името Македонија, во однос на јазикот (македонски народен говор), црквата (Охридската архиепископија, како македонска), народноста – Македонец, државотворноста – македонска држава. При тоа, во тие борби тој го изодува патот од георафското поврзување (со регионот): Македонија – македонски, преку политичкото издвојување: Македонија на Македонците, до народното зреење: Македонија – Македонец. Во оваа смисла е и сведоштвото на високиот руски дипломат А.Петрјаев (1909), имено дека ‘доколку бидат изделени од класификацијата наполно определените и самостојни типови: Турците, Евреите и Циганите… тогаш останатото (македонско, б.н.) население претставува самото по себе свој, наполно посебен, смешан ’македонски‘ тип, кој што е неможно да биде подведен под ниту една од етнографските групи. Сите именувања, што му се даваат нему – Бугари, Грци, Срби, Албанци и Романци (Куцо-Власи) се јавуваат единствено како политички етикети, што му ги натрапуваат соседните со Македонија балкански држави, вака или инаку заинтересирани за нејзината судбина’. На оваа тема има уште многу, многу да се беседи…! Но во меѓувреме наша задача е да ги имаме пред сè македонските интереси – развој на политичката филозофија и култура, економскиот развој (без корупција, измами и проневери, стручност, а не партиска припадност), внатрешна стабилност и почитување на закони, развој на науката, културата, и секако основното АСНОМ-ско настојување одделување на државата од партијата, за да се изгради здраво општество, со доследна и конзистентна внатрешна и надворешна политика“, порача Котлар на Фејсбук.

SHARE