Ковачев предлага фотографирање пред бугарското знаме и грб при добивање пасош

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев предлага фотографирање пред бугарското знаме и грб при добивање државјанство на Бугарија, бидејќи „не е нормално граѓаните на Северна Македонија да кријат дека имаат бугарски пасош“.

„За мене е нормално, кога сакаш да добиеш државјанство – врз основа на своето етничко потекло и самоопределување, да имаш барем малку лојалност. Сметам дека е задолжително чинот на добивање бугарски пасоши да не биде формален. Затоа предлагам тоа да вклучува дури и официјални фотографии пред бугарското знаме и грб. Тоа ќе биде и емотивен чин, бидејќи се случува луѓето што знаат дека нивните семејства се на високи позиции во Република Северна Македонија ги повторуваат пропагандните клишеа од претходните децении. Така што, ако се фотографираат пред бугарското знаме, би помислиле дали ќе го прават тоа во иднина. Сепак, со добивањето бугарски пасош ти си декларирал дека си Бугарин, дека твоите предци имаат бугарско потекло. Тоа не е нешто довреливо. Не е нормално граѓаните на Северна Македонија да кријат дека имаат бугарско државјанство, а во исто време, ако се пратеници, да гласаат против Договорот за добрососедство“, изјави потпретседателот на владеачката ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов во интервју за весникот „Монитор“.

Тој не гледа промени ни по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

„За жал, не гледам желба во комисијата што беше создадена. Таму има луѓе што ја саботираат работата во тој правец, посебно во однос на минатото и историјата. Сите позитивни нешта што треба да се случат меѓу двете земји не можат да станат реалност ако не сме расчистиле со омразата и со фалсификатите од минатото. Провокацијата дека Гоце Делчев си останува Македонец, како што истакнуваат и претставуваат тие пред јавноста, не е начинот на кој двете земји можат да продолжат напред. Во моментов има над 150.000 граѓани на Република Северна Македонија што добиле бугарско државјанство или се во процедура. Тоа се случило врз основа на декларација за бугарски идентитет. Во исто време, како што истакнав, некои од нив дури и се наредуваат во првите редови на тие што сеат омраза против Бугарија и имаат силен страв од тоа јавноста да дознае дека зеле буигарски пасоши“, додава Ковачев.