Крај – последната колумна на Ванковска за името

Еден од најактивните борци против промена на името не гледа светло на крајот на тунелот во битката со тие што решиле и работат да го сменат личниот опис и адреса на Македонија.

Професорката Билјана Ванковска за Нова Македонија ја напиша последната колумна на оваа тема.

И со тоа разочара многумина затоа што битката за Република Македонија губи важен и почитуван борец.

“Простете, ама јас веќе не можам вештачки да ја одржувам надежта. Сторив сѐ што е во човечки можности, но ова е крајот на донкихотизмот. Не гледам ни зрак светлина на крајот на тунелов што кротко ќе си го изодиме, со помиреност својствена на луѓе што ги водат на „(ре)туширање“.

Парадоксално, единствената (слаба) надеж сега е во грчката страна. Обземени со самите себе, опфатени во некаков политички „аутизам“, не ги гледаме глобалната и европската слика.

Причините, последиците и одговорите на сите дилеми се таму – ние сме ситна паричка за поткусурување. Нѐ тераат да веруваме дека (ќе) живееме во некој паралелен свет, кој нема врска со Париз во пламен.

Треба да му веруваме на Заев, кого освен за марихуана го бидува и за друг „опиум за народот“, за НАТО/ЕУ како рај на земјата! Најмала вина, сепак, имаат обичните луѓе.

Прошка не заслужува интелектуалната елита, која, типично кетмански, мисли дека решението е во „компатрментализацијата“ на кошмарот, кој така изгледа поедноставен, а е и стерилизиран од „национализам“ (кој според нив е содржан во легитимната и легална битка за името и идентитетот)!

Тие се вџашуваат од однесувањето на Кацарска или од глупостите на Шилегов, зборуваат за кршење закони, ама не и за устав (тоа не им била позната материја). Се стресуваат пред урбаната мафија (сега во рацете на Заев и компанија), ама не и пред политичкиот „сточен пазар“ и „помирувањето“, тоа е за повисоко добро.

На Фејсбук ќе ги видите сите 50 нијанси (македонско) жолтило. Кај оригиналните жолти елеци има идеолошка конфузија, и во поглед на барањата и во методите на борба. Но, тие ја разголија бруталната сила на неолиберализмот, на капитализмот што е разведен од демократијата.

Ја симнаа фината обланда за наводна социјална држава, зад која се таложат генерациски проблеми. Нашите типични изданоци на колонизираната свест се занимаваат со последиците, а не со причините.

Се бунат (симболички) против сѐ и сешто, освен против капитализмот, неолиберализмот, НАТО и ЕУ. Накрај на памет не им е да го прозоват македонскиот Макрон (или Трамп), не дај боже да му побараат оставка. Со презир гледаат на луѓето што среде зима блокираат улици. Тие се недостоен плебс, кој треба да се пцуе и омаловажува. И така, сѐ се сведува на нов кликтивизам и помодарство („видела жабата“).

Преспанскиот процес завршува со уставниот преврат, кој е неповратен чин. Според Заев „не излегоа мечки од амандманите, нема ништо закукулено, замумулено“.

Во духот на Андриќ за будалите, фукарата и паметните, пред ваква елоквенција мора да се замолчи. За националното фијаско и предавство, од мене – толку! Тоа сега самото зборува за сите нас.

ENDE! Game over! Мамурлакот по отрезнувањето ќе биде тежок”, пишува Ванковска во во својот текст.

Целата колумна во Нова Македонија

https://www.novamakedonija.com.mk/pecateno-izdanie/%d0%ba%d0%b0%d0%bf%d1%83%d1%82/