Трите примени гола без одговор во последните четири минути го уништија тоа што ракометарите на Вардар го градеа на стартот од Лигата на шампионите и го чинеа пораз од 24:22 кај Мешков Брест.

По голот на Чупиќ за водство од 22:21 на самиот почеток од 56. минута следуваа два на Паниќ и еден на Шкурински, кои го засенија позитивниот впечаток што европскиот шампион го остави дотогаш.

Вардарци губеа и со 11:7, на полувреме со 12:10, но во вториот дел од мечот во Белорусија заиграа многу подобро и во два наврата имаа и по два гола предност, последен пат 20:18 во 51. минута.

Вуин со шест гола и Дисингер со четири беа најефикасни кај гостите од Македонија, кои во второто коло од групата А на 24 септември ќе го пречекаат Елверум од Норвешка.

SHARE