Хрватскиот македонист и поранешен почесен конзул на Македонија во Риека, Горан Калоѓера, преку одбраната на македонскиот карактер на Зборникот на браќата Миладиновци во еден момент ќе крикне во свој стил, без влакно на јазикот.

„Ма, доста е веќе од тие историски фалсификати. Жално е што македонските институции молчат, сите се повлекле во своите дупки. Срам до небо!“, згрме Калоѓера во дискусијата под својата објава на Фејсбук, пред да поентира со директно обраќање до Македонците: „Сите ваши великани ви се превртуваат во гробот, срамота… На мене како странец и ‘туѓинец’, ако сакате, ова ми е неподносливо. Па, колку чини таа Македонија која ја продаваат за ситни пари?!“.

За самиот Зборник Калоѓера со следната елаборација:

„Ветив дека повеќе нема да чепкам во ‘македонските работи’ и немаше да не видов еден скромен прилог на некој пријател на ‘фејс’ дека пред два или три дена била годишнина од печатењето на славниот Зборник на браќата Миладинови. Скромно и речиси незабележливо. Со оглед на сето ова околу мене, повеќе не се врзувам за датуми, неделите ми поминуваат, секој ден ми е петок или сабота, така што не ми се проверува датумот на издавањето на Зборникот. Но, датумот не е толку битен. Битно е нешто друго. Скокнеш ли малку на Википедија, нема шанси да најдеш податок дека станува збор за Зборник на македонски народни песни, сето тоа е бугарско итн…

Тоа можеби можат да го истрпат моите колеги од МАНУ (можеби уште се вика така) или во други институции, но мене не. И повторувам по стоти пат, следејќи ја онаа добра латинска дека повторувањето е мајка на мудроста или како ли веќе се преведува. Затоа, по стоти пат, како што наведував и во сите свои книги, Зборникот на браќата Миладинови е печатен под името Зборник на бугарски народни песни, што било желба на Штросмаер и на Рачки, кои, не појмувајќи го македонскиот идентитет, извршиле притисок на Константин да го прифати, за жал на неговата и на огромната историска неправда на македонскиот народ.

Е сега да го повториме она што секој македонски средношколец би требало да го знае. Од 660 песни што ги содржи Зборникот, бугарски има околу десет отсто, останатите се, како што е добро познато, собрани во струмичкиот, кукушкиот, костурскиот, велешкиот, дебарскиот, прилепскиот, струшкиот и битолскиот крај. Ако тоа не е Македонија, тогаш јас не знам што е!? Зборникот е, историски гледано, круцијален споменик на македонштината, нешто слично на Башчанската плоча кај Хрватите, печатено сведоштво за народот македонски, за неговата усмена литература, која, ако ја прочитате, ќе видите и дознаете на кој начин неукиот усмен раскажувач, поет, го доживувал, евоцирал и одржувал во живот усменото предание за својот народ. Тука ќе ја осознаете македонската историја, нивните велможи, јунаци, народни обичаи и слично, тоа е епохално сведоштво за животот на еден народ, кој денес се бори за да опстане. Лично се надевам дека, иако ми се гадат сите тие политички игри, барем до некаде ќе преовладее разумот и оти Македонија ќе опстане со сето свое богатство, традиција, јазик, култура, територија. Се надевам, живеам во надеж, но исто така се плашам“, вели Калоѓера.

SHARE