Рекетирал: Кривична пријава за ексдиректор на РЕК Битола

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска од Битола информира дека има кривична пријава за поранешниот директор на РЕК „Битола“, Васко Ковачевски, и потесното раководство за сторени кривично дело злоупотреба на службената положба и изнуда од фирма која добила тендер за ископ на јаловина.

„Се работи за реномирана фирма која дала најповолна понуда и го добила тендерот, но од страна на директорот и раководството била вршена изнуда дел од договорот да биде отстапен на друга фирма – подизведувач која ниту има капацитет ниту механизација, а е блиска со СДСМ. Со оглед дека одговорните лица во фирмата која го добила тендерот одбиле да отстапат дел од договорот притисокот продолжил во насока што од страна на директорот на РЕК ‘Битола’, согласно пријавата, бил побаран поткуп во износ од 250 000 евра. Притоа, било укажано доколку не биде даден поткупот или не се дозволи да се отстапи дел од договорот, фирмата ќе се соочи со притисок со цел да не биде во можност да го реализира склучениот договор“,рече Чулев.

Тој, повикувајќи се на пријавата, рече дека бидејќи фирмата не се согласила да отстапи дел од договорот или да даде поткуп, притисокот продолжила со опструкции за да не може да се реализира договорот, по што РЕК „Битола“ еднострано го раскинала. Сега, рече Чулев, фирмата повела граѓанска постапка и има побарување од 1 милион евра.

„Во периодот кога е вршена изнуда и барање за поткуп, лицата раководители на фирмата го запознало раководството на ЕЛЕМ, имале состанок и со Управниот одбор, но за жал од страна на ЕЛЕМ не е пријавен случајот и не се преземени мерки за спречување на оваа работа. Од овие причини МВР поднесе известување до обвинителството, со документацијата и доказите. Тоа е потпишано и од двајцата началници во Одделот за сериозен криминал и спречување корупција, но од обвинителството досега немаме инструкции за понатамошно постапување“,изјави Чулев барајќи обвинителството да почне да постапува по предметот. (360 степени)

SHARE