Криза, за некои закана, за други шанса – пишува Пехчевска Поп Илиев

Кризата е блиску до нас и директно не напаѓа.

Со почетокот на 21виот век, човештвото се соочува со проблем на сопствениот опстанок не само поради опасноста од војни туку и поради очајничките трки за профит кои и прават ненадоместлива штета на природата.

Денес сме сведоци на едно ново кризно време, време во кое кризата е блиску до нас, директно нѐ напаѓа и полека нѐ уништува. Кризата ја чувствуваме не само здравствено, туку и општествено, економски, политички и итн. Кризата е збор кој во последно време најчесто се користи нѐ само кај економистите туку и кај политичарите, социолозите, психолозите.

Криза во основа значи опасност, но за оптимистите значи и шанса. И покрај секојдневната употреба на овој збор сѐ уште не постои јасно разбирање на нејзината вистинска содржина.

Кризата може да значи и шанса за една организација

Кога зборуваме за криза во организација, таа може да влијае и позитивно, да ги покрене механизмите во организацијата кои можат да воспостават нов вид на организирање, да ги редефинираат целите и плановите, да ги зајакнат и тестираат вистинските капацитети во кадровата структура. Поради тоа, вистинското разбирање на пораките кои ги испраќа постоечката криза, може да биде и голема шанса за една организација, да тргне на пат кон нов развој.

Природно е кризата е да се движи експоненцијално. Колку повеќе симптоми на криза има во една организација, толку таа подлабоко навлегла во криза и потешко е да се врати во рамнотежа или состојба на ликвидност. Поради тоа, од суштинска важност е да се воочат најмалите сигнали (симптоми) на криза и да се воспостави брза реакција во организацијата. Доколку организациите ништо не превземат, тие несомнено сѐ повеќе ќе тонат во криза.

Со самата прва појава на кризна ситуација, менаџментот мора итно да ја анализира новонастаната ситуацијата и веднаш да развие мерки за антикризно делување како би се делувало што поефикасно. Најважен чекор за менаџерот во таа ситуација е да осмисли програма и модел за излез од кризата.

Ако секоја организација во својот развој поминува низ криза, се поставува прашањето во што е разликата помеѓу успешните и неуспешните компании или како успешните компании ја поминуваат кризата?

Разликата е во траењето на кризата, односно успешни ќе бидат оние организации кои располагаат со алатки и инструменти на кризен менаџмент со помош на кои кризата се препознава порано, а со тоа и полесно се совладува. Одговорот во справување со кризата мора да се бара и добие на сите нивоа и во сите сектори во организацијата.
Да се препознаат порано заканите и да се реагира на нивното негативно влијание е основната задача на менаџментот и само тоа води до успешен исход.

Што ако кризата ви се случи баш вам? Како организациите можат да ја унапредат својата кризна комуникација?
Добра комуникација, ектерна како и интерна е неопходна за секоја организација. Многу е важно да се планира комуникацијата и истата да се унапреди и прилагоди во зависност од состојбата.

Кризите им се случуваат на сите и најлошо што може да ви се случи е да ве најде неподготвени.

Планирањето, клуч за кризна комуникација

Кризата најчесто се дефинира како сериозен инцидент кој влијае на сигурноста на луѓето и околината и ја загрозува нивната благосостојба. Најчесто доаѓа ненадејно и е пропратена со лош публицитет.

Што тоа би требало да значи во пракса?
За почеток треба да го очекувате неочекуваното, разберете ги основните правила на кризна комуникација и направете план за делување и комуникација во криза.

Пред сѐ треба да идентификувате и разберете што би можело да претставува криза за вашата организација и кое сценарио би можело да биде најлошо.
Откако ќе дефинирате што би можело да биде потенцијална криза за вашата организација, веднаш пристапете кон планирање. Секако, во зависност од степенот и обликот на кризата ќе примените различни сценарија, но некои од клучните чекори секако би требало да ги примените во планирањето.

Формирајте тим кој ќе биде задолжен за комуникација во криза. Размислете што и на кој начин ќе комуницирате со своите партнери, вработени, медиуми и пошироката јавност.

За време на кризата – бидете искрени, доследни и присутни

За почеток многу важно е да бидете прибрани и да пробате максимално да ги користите сите ресурси кои ви се на располагање. Известете ги своите вработени, партнери, соработници, клиенти за промената во редовното работење.

После кризата – анализирајте, учете и унапредете ги недостатоците.
Откако ќе ги согледате штетите кои ја направила кризата во вашата организација, анализирате ја и интерната и екстерната комуникација и ефектите со кои се постигнало спроведувањето на кризниот план. Размислете и околу тоа кои лекции се научени и како може да го унапредите својот план за криза во иднина.

Кризата не е нешто што им се случува само на другите

Кризата не е нешто што им се случува само на другите туку и нешто на што вашата организација треба да биде спремна во секој миг.

Кога е во прашање кризната комуникација, било да се во прашање грешки или примери на добра пракса, може да се научи од компаниите, но и од многу институции. За да го избегнете учењето на сопствени грешки најбитно е да планирате и да бидете спремни брзо да реагирате.

Отвореност, комуникација, добро изградени релации со заедницата, и довербата ги намалуваат можностите за појава на криза во вашата организација и ќе ви помогнат да ја надминете побрзо.

За време на криза на луѓето им се потребни јаки лидери

„Вистинските лидери го гледаат невидливото, го чувствуваат недопирливото, го постигнуваат невозможното“ – Винстон Черчил.
Тие треба да ги прават вистинските чекори, да ги донесат вистинските одлуки. Тие мора добро да се познаваат себеси и културата на луѓето кои ги водат и наместо да бидат понесени од грандиозни победи, да движат со ситни чекори кон излез од кризата.

За време на криза довербата има најголема вредност. За време на кризни ситуации најголемиот предизвик на лидерите, менаџерите, сите оние кои управуваат со кризните ситуации е да направат сѐ што можат организацијата да остане интегрирана.

Многу често сите оние лидери, менаџери, раководители кои се наоѓаат во ваква ситуација си го поставуваат прашањето дали можат да ја одржат целовитоста на организацијата, можат ли да ги спречат луѓето меѓусебно да не се напаѓаат?
Организациите во кои вработените немаат доверба меѓу себе, се слаби организации и кога тие се наоѓаат во криза, многу поедноставно е да се напаѓаат едни меѓу друго наместо да застанат исправени пред “непријателот“. И тогаш навистина оставаме простор “непријателот” повеќе да нѐ нападне и сите да нѐ уништи заедно. Особено е важна довербата во време на криза, повеќе од било кога. Сега можеме појасно да одговориме на прашањето дали организацијата во која работиме е доволно јака да преброди ваква криза.

Луѓето реагираат различно во време на криза, имаат различни потреби од обично. Тогаш подлабоко ја разбираат суштината на здравјето, на семејството, на пријателите. Многу често го губат здравјето, се распаѓа семејството, луѓето дури ги губат и своите пријатели. Исклучително важно е да ја спуштиме тензијата, да размислуваме рационално, а помалку емотивно. Да пробаме да го сочуваме нашето сопствено здравје, како понатаму би можеле да им помогнеме на сите околу нас. Доколку лидерот во една организација или родителот во едно семејство не се грижи добро за себе, како би се грижел за оние кои зависат од него?

Пишува:
Д-р Мирјана Пехчевска Поп-Илиев, експерт за личен и организациски развој, професионален коуч, кариерен советник

SHARE