„Крокодилските солзи“ за СЈО – пишува проф. Миодраг Лабовиќ

СЈО се распадна како меур од сапуница, исто како што беше и создаденo! Ќе видиме подолу зошто некој плаче со “крокодилски солзи“ за СЈО, а се криеше како п…. под кошула кога беше противуставно донесено.

Почитувани пријатели, и покрај сите препреки, превагнува чувството да направам уште еден обид за растерување на маглата, што (не)случајно се создава во врска со најновите случувања околу СЈО.

Му должам на мојот народ да ја знае “четвртата вистина“ за овој крупен случај, бидејќи медиумите извлекоа заклучоци за само три гледишта во врска со судбината на СЈО.

Граѓаните (народот) имаат право да ја знаат и оценат релевантноста на сите вистини на оваа тема присутни во јавниот дискурс. Верувам во тезата дека ако народот е добро информиран има доволно мудрост во него да ја препознае правата опција.

Ќе ги пренесам трите гледишта речиси цитирано, или, во најдобар случај, некои од нив автентично парафразирано. На крајот, граѓаните треба да го знаат и четвртото гледиште, кое упорно и бесрамно се крие во јавниот дискурс на Македонија.

1. Владата: Обвинителите од СЈО да се распоредат во Обвинителството за ОК и К, а истражителите од СЈО да се вратат во институциите на позициите од каде што дошле.Тековните предмети на СЈО да ги преземе Обвинителството за ОК и К.

2. Опозицијата: Обвинителите од СЈО да се врата на нивните работни места во ЈО од каде што дошле. Раководителот на Обвинителството за ОК и К дабиде на предлог на опозицијата. Тековните предмети на СЈО да ги преземе Обвинителството за ОК и К.

Забелешка на М.Л.: Власта и опозицијата се согласни во новиот Закон за ЈО- тековните предмети на СЈО да ги преземе Обвинителството за ОК и К. Сега спорен е моментот што сето тоа се иницира преку писмото на притворената К. Јанева. Според мое мислење, власта избрза, бидејќи ова писмо воопшто не беше неопходно за континуитетот на предметите на СЈО.

Имено, се очекува дека набрзо К. Јанева ќе биде разрешена од функцијата СЈО. Таквата состојба само треба да биде констатирана и со тоа завршува функционирањето на СЈО, ако така се договорат политичките партии.

Во таква ситуација во основните одредби на Законот за СЈО чл. 1. ст. 2 стои дека се што не е уредено со овој закон, ќе се применува Законот за Јавното обвинителство и останатите позитивни законски прописи во Република Македонија. Се разбира дека тоа ќе одземе време бидејќи ќе треба да се изврши примопредавање со записник за сите списи и доказни средства. За проблемот со специјалната надлежност на СЈО за “бомбите“има чаре, но за тоа подоцна.

3.“ Блу Принт“ група: “СЈО треба да опстои во рамките на хиерархиската субординираност на јавно обвинителскиот систем. Меѓутоа, да има и одредена независност која ја имаше досега, што би можело да се постигне со доведување на СЈО до степен на Обвинителството за ОК и К.“ ( цитат од изјавата на извесна Г-а Натали Петровска.

Слична беше изјавата и на другиот преставник на оваа група – Г. Калајџиев).

4. Мојот став беше и остана непроменет: Имено, уште пред да се донесе Законот за СЈО, 17 години наназад укажувам во моите научни дела и студии, па и во колумните, дека Македонија има потреба од вистински независна и специјализирана институција, како СЈО, но, не на таков противуставен начин конститурана, како квази институционална, ad hoc институција.

Ако веќе треба да постои СЈО, тоа треба да биде уставна категорија, надвор од хиерархиската субординација на редовното ЈО. Само на тој начин најоптимално СЈО ќе може да ја оствари својата улога на противтежа не само на полицијата, туку и противтежа на целата извршна и сите други власти, па дури и на редовното јавно обвинителство при евентуални случаи на висока корупција и институционален организиран криминал.

Според научната концепција на авторот на овој текст, дури не е доволно СЈО ( ако се формира како вистински независна институција), да ја обезбеди само својата надворешно-институционална независност.

Многу поважно од сето тоа е ова институција, како и сите други клучни државни институции на највисоко ниво да бидат поставени во хоризонтална орханизација на власта.

Меѓудругото, тоа значи дека сите клучни државни институции треба да бидат во меѓусебна контрола и баланс на моќта . Истото се однесува и на институционалните контролни експертски тела, кои треба да ги избираат членовите на клучните државни институции на јавен конкурс и во транспарентна постапка да ги санкционират (разрешуваат) ако има основи за тоа.

Се разбира дека хиерархијата и понатаму останува во рамки на владата за владините институции, во рамките на судството, на ЈО итн. Меѓутоа, ниту СЈО, ниту една друга институција не смеат да бидат надвор од контрола на системот ( како што имаме примери сега). Тоа е еден развиен систем на поделба на власта, кој што е елабориран на повеќе од 200 страни во мојата научна студија “Системска корупција и Организиран криминал ( 570 стр. кој сака може подробно да прочита и да се запознае со сите тези и потези на тој сложен систем, кој е оригинален и научно верификуван).

За наградите и признанијата сега не зборувам. Зборувам дека овој систем гарантира значително подобрување во владеењето на правото во Македонија, затоа што, овој систем е поставен да функционира по силата на неговата внатрешна логика, без да зависи од политичката воља на било која партиска номенклатура.

Се разбира, политичка воља е потребна само на почетокот кога една авангардна политичка сила ( во суштинска смисла на зборот, а не само во кадровска) ќе има интелектуална, морална и духовна доблест да го стартува правното и практично имплементирање на тој систем. После тоа, политичка воља веќе нема да биде потребна бидејќи системот е самоодржлив и се засновува на реално одржливи и практично спроведливи решенија. Корист од таквиот систем , покрај мнозинството граѓани, најмногу ќе има онаа Влада за чиј што мандат ќе се реализира таквиот систем, од причини што:

1) Таа Влада ќе остави систем позади себе со кој ќе се заштити од неоснован кривичен прогон ( што досега беше неизоставен фолклор во нашата земја), кога еден ден ќе мора да оди во опзиција;

2) Таа Влада ќе остви неизбришлива трага во историјата на својот народ бидејќи ќе ги постави темелите на еден систем преку кој ќе ги реши најголемите проблеми во Македонија;

3) Тој систем и нашата земја ќе станат репери за решавање на сличните проблеми во преку 80 % земји од светот кои се соочуваат со слични проблеми.

Е, за тоа требало уставни измени. Е, треба. Не може постојано да велите дека се потребни длабоки системски реформи, а да се задоволувате со плитки и палијативни реформички.

Некој сигурно ќе забележи дека ни се преку глава веќе реформите, ни требаат вистински луѓе на вистински места, човек, со јак морален интегритет и висока професионална компетентност. Се разбира дека особено моралниот интегритет е многу битна категорија, бидејќи човек ако е чесен и да не знае ќе праша и ќе постапи како што е најправилно.

Но, забораваме дека моралниот интегритет (чесноста) е премногу релативна, растеглива категорија. Монтескје и Волтер своевремено ја забележале максимата дека ретки се луѓето на кои нема да им се заврти во глава кога ќе се најдат на високи позиции на власт.

Впрочем, оваа максима е објективна закономерна тенденција низ целата човекова историја, освен ретките примери на исклучоци. Така и во Македонија не е исклучена можноста дека има такви луѓе, кои се чесни и истовремено професионално компетентни, а чесноста ја докажале со одолевање на многуте искушенија додека биле на високи позиции на власт.

Белким ќе се сложите дека човек не може со сигурност да се нарече чесен ако не бил на високи позиции на власт, изложен на искушенијата што само власта може да ги донесе, а сепак останал чесен, што се вели ни за 1 Евро никој да не може објективно да му пререче. Во такви ситуации ќе речете не се потребни сите тие реформи, човекот е тој што ќе го применува доследно законот.

Точно, се согласувам почитувани мои, арно ама тоа може да биде една среќна епизода. Не смееме да си дозволиме да градиме систем на основа на такви среќни епизоди, имајќи го предвид ноторниот факт дека во денешно време се помалку има такви луѓе.

И што после завршувањето на мадатот на таквиот човек? Системот мора да функционира оптимално дури и при најлош персонален избор на кадровските решенија.

Заради тие причини се потребни тие длабоки структурни реформи во круцијалните општствени системи и нивните потсистеми.

Постоењето на СЈО во рамките на редовното ЈО (како што предлага Блу Принт групата) нема никаква логика, ниту како автономно обвинителство, а уште помалку како Одделение во рамките на Обвинителството за ОК и К ( што беше една од опциите на политичките партии), заради следните аргументирани причини:

– Дури и најдобро дизајнираната автономија во рамките на ЈО, сепак подлежи на принципот на хиерерхиска субординација. Во услови кога Главниот РЈО се бира и разрешува на предлог на Владата, а го бира и разрешува парламентарното мнозинство, кое 28 години е гласачка машина на владино-партиските врвови во Македонија (а не во Англија, Франција или друга земја со долга парламентарна традиција), принципот на хиерархиска субординација колку и да е сведен на минимум може да дојде до израз кога се во прашање случаи на висока корупција и ОК во кои можат да бидат инволвирани највисоки политичари од актуелна власт, без оглед на моменталната партиска номенклатура, која и да е таа денес или утре ( за допирните точки кои основано можат да ја нарушат автономијата на СЈО во рамките на ЈО види поопширно на мојата ФБ страна во “Отвореното писмо до Заев и Мицковски “ ).

– Која е логиката за потребата од постоење на СЈО во рамките на јавно обвинителскиот систем, кога истата надлежност за гонење кривични дела од областа на висока корупција има и Обвинителството за ОК и К при ЈО. Предлогот за автономија на ОЈООКК во рамките на редовното ЈО е секако подобро решение отколку сегашната состојба, во услови кога СЈО повеќе нема да постои. Но, тоа е далеку понеквалитетно решение од предлог-концептот што мојата маленкост го предлага. Инаку, една од опциите СЈО да биде посебно Оделение во рамките на Обвинителството за ОК и К и на тој начин да се подели надлежноста, не е најдобрата опција затоа што повторно доаѓаме до истата поента – што ќе се постигне со тоа кога на таков начин нема да има ништо од вистински независна и специјализирана институција, која треба да биде надлежна не само за кривичните дела кои произлегуваат и се поврзани со незаконски прислушкуваните разговори, спрема опозицијата, туку и за висока корупција и институционален организиран криминал, кога главни осомничени можат да бидат актуелни политичари на највисоки државни позиции.

– Досегашната поставеност на СЈО излегува надвор од рамките на единстевениот јавно обвинителски систем. Тоа што се направи неуспешен обид да се бајпасира поврзаноста на СЈО во единствениот ЈО систем преку формалната поврзаност со Советот на ЈО, не го намалува значењето на ноторниот факт дека особено во периодот додека СЈО работеше за време на претходна Влада и додека на чело на ЈО беше друг РЈО, СЈО одбиваше дури и да оди на средби во Советот на јавни обвинители. Впрочем, Советот за јавни обвинители не може да направи ништо во врска со СЈО без согласност на 4 политички партии и Собранието.

Законските одреби во Законот за СЈО недвосмислено укажуват дека ова институција не подлежи на принципот на хиерархија и субординација, кој важи во ЈО. Овие и многу други правни и емпириски факти, кои просторот не дозволува да ги набројувам, недвосмислено упатуваат на заклучокот дека СЈО е надвор од единстевениот ЈО ситем на Македонија. Оттука, заложбата на “Блу Принт“ групата , СЈО да биде изедначено со ОЈООКК е неадекватна аналогија и практично губење на независноста на СЈО која досега ја имаше, но, не заборавајте – стекната противуставно. Ова го тврдам од причини што ОЈООКК е целосно подложено на хиерахиската субординираност на единствениот ЈО ситем во Македонија, што апсолутно не е случај со СЈО.

Сево ова ја покажува безидејноста на главните протагонисти на идејата за СЈО, како независна институција, која опстојуваше 4 години на противуставен начин, бидејќи тие, ако не патиме од колективна амнезија, ќе се сетиме дека се залагаа со сите сили СЈО на К. Јанева да не биде во хиерархиската субординираност на единствениот ЈО систем на Македонија, без притоа да бараат неопходни измени во Уставот.

Откако се смени власта почнаа да преовладуваат ставовите за разните облици на инкорпорираност на СЈО во рамките на редовното ЈО. Тоа ли е почитувани, благородната идеја на Г-дин Калајџиев за надпартиско, долгорочно и системско стабилно решавање на проблемот?

Така ли ќе ги надминеме дневно-партиските интереси, така ли ќе се издигнеме над моменталната констелација на политички сили и односи и ќе проектираме визија за квалитетно решение за СЈО, кое еднакво ќе гони криминал сторен од опозицијата, ама и од актуелната власт, без оглед која и да е сега политичка партија на власт, или утре која и да е опозиција.

Според тоа, заложбата и разбирањето на Г-дин Калајџиев за “вистински независна институција – СЈО“ и “нејзината благородна цел“, најблаго речено, е полуквалитетна, гледано од научен и стручен аспект. Гледано од морален аспект ( кој е премногу важен особено со оглед на нескриените амбиции на дотичниот), тој сега лее “крокодилски солзи“ за СЈО.

Неговата изјава за наводно жалење дека СЈО било злоупотребена за рушење на ВМРО-ДПМНЕ е, најблаго речено, прилично сомнителна и контраверзна, бидејќи од авион се гледа дека се додворува на опозицијата за остварување на своите лични лукративни амбиции, имајќи го предвид фактот за се` посилните заложби опозицијата да го предлага новиот шеф во ЈО, кој ќе се справува со високата корупција и ОК. За тие што знаат, партиската инструментализација се наговестуваше уште пред 4 години (Видете ја на мојата ФБ страна, колумната за СЈО од 15.09.2015 г.). Во тие што знаат, освен дотичниот г-дин, кој тогаш молчеше и се криеше за овие прашања, не спаѓааат и партиските експерти на четирите политички партии кои се сложија на ова решение, мислејќи секоја од нив дека “стапот“ на СЈО ќе го држи во свои раце.

Откога некои од нив видоа дека се излажаа и се случи тоа што се случи, тие само ги констатираа состојбите, секој од своја вредносна и партиска призма. Според тоа, ниту дотичниот г-дин, ниту партиските експерти-советници не се визионери, туку констатирачи на состојбите. За воља на вистината, мора да се знае дека опозициските партиски експерти и денес не предлагаат решенија со кое ќе ја “здрват “ јавноста и ќе покажат “три пара мудра“ државничка храброст и визија за долгорочно, системски стабилно решавање на проблемите.

Нивниот предлог за СЈО, ЈО и ОЈООКК, не се разликува во суштинските аспекти од предлогот на власта. Објективно гледано, таквите предлози не го надминуваат дневно –партискиот интерес за соборување на власта и “голо“доаѓање на власт, ако ги споредиме со предлозите од научниот концепт што кратко ви го претставив на почетокот.

Ако имаат трошка мудрост во себе ќе го сфатат ова конструктивно и како вистинска авангардна опозиција ќе се ангажираат да понудат три класи поквалитетна програма ( особено за решавањето на буквално најголемиот проблем кај нас- невладеењето на правото), со што ќе ги придобијат масовно на своја страна неопределените гласачи кои одлучуваат на чија страна ќе превагне тасот на избирачката вага.

Во спротивно опозицијата нека биде сигурна дека премногу ќе им смета сегашниот предлог преземен од партиската програма на сегашната власт – шефот на ЈО и(ли) ОЈООКК да биде на предлог на опозицијата. Верувајте дека ќе зажалат за тоа кога тие ќе дојдат еден ден на власт, заради подлабоки причини што нема простор да ги објаснам тука, а се објаснети во моите научни дела. Жалосна ќе биде мојата сатисфакција тогаш ако кратковидно размислуваат сега и се сетат отпосле колку сум бил во право.

Инаку, според начинот на кој е конституирано СЈО, неминовно беше на овој или на некој друг начин да биде партиски инструментализирано. Не може со неправо да се создава право. Не може да се борите на цела уста за владеење на правото, а темелите на една институција да ги градите со кршење на владеењето на правото. (Видете ги на мојата ФБ страна, колумните, како и сите мои други напори, кои тогаш во тоа време пред и после Пржинскиот договор ги правев, се` со цел да не се испушти шансата што во тие околности ја имавме како држава. Шансата тогаш беше огромна и неповторлива. Апелирав со сите сили да се искористеше тогашното зголемено присуство на странците, кои под силата на аргументите на научната и стручната јваност можеа да ги доведат политичарите од најголемите партии во ситуација да усвојат системски стабилни и долгорочно одржливи решенија. Тогаш можеше многу полесно да се обезбеди двотретинско мнозинство заовие работи).

Г-дин Калајџиев го спомнувам бидејќи тој најмногу од сите други во “Блу Принт групата“, ги имаше чуено овие мои ставови. Дури на една прес-конференција, на тема за потребата од СЈО (такво како што беше и остана досега), организирана од “Сорос“ – Македонија, Г-дин Калајџиев беше еден од говорниците, каде држеше предавања за неопходноста од СЈО. Јас тогаш од публика се обидов да аргументирам зошто се неопходни измени во Уставот и на кој начин треба да биде конституирано СЈО за да не дојде во ваква или слична ситуација.

Тогаш модераторите ме прекинаа буквално, а тој како многу пати досега остана нем по прашањето на противуставноста на СЈО и можните импликации од негова политичка злоупотреба . Го поддржуваше ваквото СЈО, со сета сила, дури беше и на платниот список на советници на СЈО, а сега се оградува од СЈО велејќи дека тоа не е негово решение, туку на Американците.

Да, на Американците е, но освен ситните грешки во законот, тогаш, а ни сега тој не предлагаше други суштински измени, ниту ја поддржуваше научната концепција која нуди далеку поквалитетно решение.

Што да се каже почитувани, за моралната вертикала на нашата научна и стручна елита, кога некој со таков професионален и научен бекграунд тврди дека препораките на Прибе се 100% прифатливи, но, за разлика од сите други професори, експерти, аналитичари, НВО активисти, политичари итн, тврдев и тврдам дека препораките на Г-динот Прибе се најмалку 20 пати недоволни не само по обемот на зафаќањењто на проблемите, туку и во однос на квалитетот и длбочината на зафаќањето во структурите на круцијалните општествени системи и нивните потсистеми. Сето тоа кај нашата научна и стручна фела го одрази само интелектуалниот и морален мрак во кој што се наоѓа нашата интелектуалната “елита“. (Во 2018 год. имав средба лично со Г-дин Прибе. Разговаравме, му објаснив и му ја испратив интегралната верзија од научниот труд во кој е елборирана оваа моја научна концепција. Г-дин Прибе како прецизен Германец ми врати на е-маил ( кој го чувам) дека целосно се согласува со мене и дека е зачуден како овие продлабочени видици не се искористени од македонските власти. Се сложивме дека од странските експерти не може да се очекува да зннат се за Македонија, како што би требало да знаат домашните експерти). Во 2015 и 2016 г. се убив од зборување, не се симнував од ТВ, објавував колумни по порталите, со свои пари финансирав спонзорирање на објави на ФБ. Што вели еден пријател – “Ти остана уште да се полиеш со бензин и да се самозапалиш за да отвориш врата за имплементирање на научниот концепт“. Меѓутоа, и покрај сите тие напори, речиси целата научна и стручна фела, освен ретките примери на исклучоци, молчеше и се`уште молчи. Нели е тоа повеќе од духовна и морална беда, да бегаш на секој можен начин и да не го ставиш на маса предлог-научниот концепт, кој добил досега највисока светска научна награда токму за системско владеење на правото.

Да не го споредиш со било кои други концепти во една објективно – логичка и емпириска анализа преку рационална конфронтација на аргументи базирани на логичките принципи, кои се поврзани со неспорни емпириски факти. Во таква ситуација, ако имаше подобри други концепти, да застанавме зад тој концепт како најдобар.

Тоа ќе беше генералната концепциска платформа околу која ќе се обединеше поголем дел на интелектуалната критична маса, која ќе извршеше притисок врз политичарите. Вака , сега политичарите немаат репер. Никој не врши притисок врз нив, освен за препораките на Прибе, за кои кажав дека се точни, но премногу недоволни.

Најголем дел од нив се веќе имплементирани, а пак нема никакви видливи резултати. Наспроти сето тоа, сега, некои од интелектуалците изиграваат лажни научни авторитети и морални херои, вртејќи се час на една, час на друга страна од каде што посилно ветрот дува, со мали незначителни отстапувања од партиските ставови на најголемите партии и тоа во однос на некои процедурални, кадровски и материјално-техничи прашања.

За суштинските, генерално-концепциски димензии на проблемите, воопшто ни збор нема. Сепак, зрак на оптимизам буди фактот што на социјалните мрежи граѓаните ги провалија вистинските мотиви на ваквите експерти. Сосема за на крај, се наметнува прашањето: Дали треба и понатаму да молчиме и да им оставиме на медиокритетите и лажните морални авторитети во сите круцијални сфери на јавниот живот во Македонија, да ни “сеат магла“ и да не вртат во истиот круг уште наредните 28 години. Нели е дојдено време народот да ја растера таа жабокречина и да отвори простор за вистински системски промени.

SHARE