Куцо магаре за трка имате! – пишува Драган Милосављевиќ

Специјалната обвинителка фаќа боја на плажа, издава соопштенија, јаде во фенси ресторани, се обидува да се насмее, во целата мака, кутрата, глуми нормалност.

Нејзините главни помошнички, оние двете од неискажливо смешниот маркетиншки штос наречен „македонските Чарлиеви ангели“, беснеат и ја плукаат преку безбедносни камери. Испраќаат „мистериозни“ и „шифрирани“ пораки преку Фејсбук.

Плаши се од нас, Катице, или плаши се од нас, Заев?! Буууууу!

Премиерот влегува од грешка во грешка, од еден кикс во друг, непотребно го троши остатокот од остатоците на симпатиите кои граѓаните ги имаа кон него во времето кога беше градоначалник на Струмица и кога „уриваше режим со пенкало“. Неговите неконзистетнтни, непринципелни, купи-продај ден политики останаа да ги бранат само уште Политико и уште одвај неколкумина други, не баш присебни новинарски паразити во пензија.

Претседателот Пендаровски се осмели, макар и под притисок од западните партнери дека „не е убаво да се молчи“, за јавно да порача дека никој нема доверба во државните институции. Во превод никој не и верува на државата повеќе и затоа мора веднаш да се дејствува. Да се најдат сите криминалци вмешани во мегаскандалот, па какви сака нека се нивните имиња и функции и секој да си го добие заслужениот временски период – прво во егзотичната Шутка, а потоа во отрезнувачкото Идризово.

И што се случува во меѓувреме? Ништо! Владејачката партија по десет пати на ден ги рециклира истите соопштенија повторувани од нивните претходници пред дваесетина години во времето на „ТАТ“, а во стилот: Македонија оди напред, нема запирање, секој ќе одговара за криминалот.

Да, ама тогаш не одговараше никој освен црвената Соња, иако поради таа афера не баш мал број битолчани си ги одзедоа животите, а еден куп други завршија на психијатриско лекување.

Дали и овојпат со бескрајните повторувања на празните флоскули повторно се добива време за да спласне еуфоријата кај противиците на власта и разочараноста кај поддржувачите на истата, па потоа со жртвување само на Боки Тредичи, Зоки Кичичи и (ако ептен е неопходно) Кате Медичи да се заташка приказната? Проблемот е во тоа што сега не е 1997 туку 2019 година, ЕУ повеќе не дава преговори на убави очи, а и народот, иако преморен и преразочаран, едноставно не е повеќе толку наивен како некогаш.

Просто е неверојатно дека властодржсците играат на истата бајата карта, а нивното проретчено интелектуално крило се обидува да ги покрие сите нивни срамни дејствија со жални проповеди дека „Рекет“ е мачкина кашлица во опредба со злото на „режимот“. Колку треба да е осакатена таа некогаш почитувана интелектуална елита за афектирано да поентира оти аферата во која основано се верува дека е вмешана можеби половина Влада „заслужувала“ неколку реда во хрониките и толку, бидејќи била „гола вода“ во споредба со мегазлосторничкото, чудовишно канибалистичкото, геноцидното, историски најкрвавото, планетарно неповторливо гнасното владеење на претходните од ВМРО-ДПМНЕ?

Па господо, нели затоа дојдоа на власт, за да нема повеќе режим, за да нема криминал и рекет, за да нема уцени и силување на правдата? Нели токму од тие причини и го измислија СЈО и им дадоа на трите дами и нивните помошници материјални, законски и ако сакате медиумски привилегии какви што не добил никој никогаш во независна Македонија?

Што треба сега, да бидеме само разочарани и толку?

Да најдеме други обвинители, па со нови сили напред во нови победи? И да не потсетувате на рати дека претходните биле многу полоши, па во тоа име на сегашните се ќе им се простува?

Да бевме среде некој вистински напредок, инвестициите да одеа нагоре, стнадардот да растеше, младите полека да започнуваа да размислуваат за останување дома, да добиевме објективна сатисфакција за историскиот пораз, дури и тогаш оваа срамна криминална афера нема да можеше да помине туку така.

А камо ли во тажната реалност на земјата во која буквално се е обратно од зборовите добро, убаво, законско, цивилизирано и спастрено.

Покрај правната и политичката цена мора да биде драстична, огромна, џиновска, за памет на оние кои ќе ги заменат сегашните цареви на „Илинденска“ дека грешките навистина се плаќаат, но и за наук на нивните апологети дека ако немаш коњ за трка подобро е воопшто да не се кладиш на куцото магаре што си го ставил да се клати на стазата, лажејќи ја публиката, а и себе, дека во прашање е чист хановерански пастув.

Драган Милосављевиќ

SHARE