Капитенот на ракометната репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, им се извини на навивачите за мизерното издание против Австрија и елиминацијата од Европското првенство 2020 уште по прелиминарната фаза по групи.

„Останавме должни, заслужуваме критика. Ова е удар за нас и за македонскиот ракомет. Не смееме да го загубиме најдрагоценото – ниедна репрезентација не си дозволува ваква игра и пораз пред пет-шест илјади свои навивачи. Очекувавме многу повеќе, имавме добра група, во која дури и лаик можеше да каже дека можеме да се носиме со сите. Јавно, како капитен, се извинувам за ова издание“, беше (само)критичен најдобриот македонски ракометар по поразот од Австрија од 32:28.

„Можеме да играме со Австрија, многу пати сме ја победувале. Но, одигравме под нашето ниво, со многу технички грешки, со многу промашени чисти удари, го разбранивме нивниот голман. Ме изненадија со 5-1 во одбрана, со фластер на мене. Авсатрија беше мотивирана, игра на домашен терен. Пајович долги години беше играч на Сиудад Реал, употребува многу тактики и очекувам Австрија да се покаже во уште подобро светло на ова првенство“, додаде Лазаров.

SHARE