Лажат за Уставот, по менување нема каење – Пишува Горан Момироски

Последниве денови како кула од карти се распаѓа позицијата на македонската Влада за бетонираниот македонски идентитет.

Прво од Грција ни дојде абер од повеќе врвни личности дека премиерот Заев и неговите подопашници не смеат ни да зборуваат за македонски јазик или за македонско малцинство што еден ден легално ќе го говори.

Веднаш потоа Владата во Скопје официјално се извини и практично призна дека македонскиот идентитет е бетониран, ама само до граничната зона кај Гевгелија. За постоење во Грција ни треба друг параф, што, според Атина, не е дел од преспанската авантура.

Слични пораки ни дојдоа и од Бугарија. Вицепремиерот Каракачанов и шефицата на дипломатијата Захариева, и покрај договорот за пријателство, повторно нè потсетија дека сме измислена нација, а дека македонскиот јазик е наречје на бугарскиот.

Со тоа Софија и Атина ги потврдија лажните мантри на Заев и неговите послушници, кои не откриваат целосно што сакаат да кажат кога велат цементиран македонски идентитет.

Од нивните тези точно е само тоа дека идентитетот е бетониран единствено во градежната дозвола за реонот од Гевгелија до Табановце и од Дебар до Крива Паланка.

Надвор од оваа парцела ќе бидеме нова северномакедонска нација, со нова северномакедонска историја, која говори северномакедонски јазик. (За неколку дена сè ќе ви биде јасно на оваа тема).

По менување на Уставот нема каење.

Една од најопасните мантри на врхушката на власт, сепак, не е таа за бетонираната нација и јазик, туку за можноста Македонија да ја поништи целата процедура за менување на Уставот и да го врати името Република Македонија ако Преспанскиот договор не биде ратификуван во Грција.

Според грчкиот вицепремиер Каменос, договорот од Преспа е мртов, а и партијата Потами, чии пратеници се потенцијални поддржувачи во грчкиот парламент, веќе не веруваат во него.

Посебен проблем во овој контекст е можноста од предвремени избори во Грција, каде премиерот Ципрас и СИРИЗА речиси немаат шанса за победа на редовни избори, особено со ратификуван Преспански договор.

Со тоа остануваат само теоретски шанси договорот парафиран од Коѕијас и Димитров да биде ратификуван во Атина, со што се поставува прашањето како Македонија ќе го врати назад името Северна во Република Македонија.

Математички и законски оваа операција е едноставна.

Во соодветни рокови, во согласност со Уставот, Владата ќе поднесе предлог за промена на највисокиот правен акт и срам-несрам ќе побара враќање на сегашното уставно име.

Проблемот е политички, поточно етнички.

Засега нема никакви најави, но сосема е извесно дека пратениците Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби ќе се обидат во процедурата за промена на Уставот, кога тој веќе се отвора, да вметнат и некои свои барања.

На пример, наместо јазик што го говорат 20 проценти од граѓаните во Уставот да стои албански јазик (нешто што се бара и сега, но во интерес на ЕУ и НАТО не се оди до крај од страна на ДУИ), официјален јазик покрај албанскиот да биде и турскиот, српскиот ромскиот, Албанците и другите да бидат прогласени за конститутивни народи, во крајна инстанца можеби да се бара и некое ново ниво на територијална поделба по региони или федерални единици.

Во случај Атина да не го ратификува Преспански договор и Македонците да сакаат да ја вратат Република Македонија, Албанците и другите малцинства ќе го имаат апсолутниот контролен механизам во процесот на уставни промени, а Македонците ќе бидат само трговци кои за да го добијат назад тоа што веќе го имале ќе треба одново да молат, преговараат и неминовно да се понижуваат.

Ваквата позиција на немнозинските заедници и пратеници им го дава Бадинтеровото правило, односно системот во кој мнозинство пратеници од немнозинските заедници треба да дадат согласност за нова промена на Уставот.

Потсетете се дека на 19 октомври за време на срамното гласање на 80 пратеници спикерот Џафери по првото гласање од сите пратеници побара да се гласа по Бадинтер, по што беше отворен патот за Република Северна Македонија.

Сами проценете дали Албанците и другите помали заедници ќе се согласат на враќање на Република Македонија како уставно име без да побараат концесии за себе, а притоа влезот во НАТО и во ЕУ веќе не се во игра.

 

SHARE

Оставете коментар