Конечно се огласи и Венецијанската комисија со негативна оценка по таканаречениот Закон за јазици, со забелешка дека истиот треба да се ревидира и уште еднаш да се преиспита потребата за еден ваков закон, соопштува Президиумот на партијата Левица.

Левица, како и претходно, предупредува дека Венецијанската комисија или било кој друг ентитет надвор од Македонија, ниту приближно не може да ги знае проблемите со и околу еден ваков закон. Сметаме дека политички нездрава е демонстрираната некритичност и покорност од страна на македонската јавност кон разните институции од овој вид. Левица во месец февруари оваа година до Уставниот суд поднесе претставка против овој закон, и по 8 месеци од поднесувањето на претставката не е постапено по нашата иницијатива, па затоа пред скоро време поднесовме и Ургенција до Претседателот на Судот – со која бараме повратна информација зошто не е постапено по нашата иницијатива?! Сметаме дека овој закон треба итно да биде повлечен поради серија причини од најразличен вид кои во комбинација крајно негативно ќе се одразат по македонското општество во целина: Прво, Законот е донесен со грубо кршење на сите деловнички процедури во Собранието на РМ и истиот е објавен без потпис од Претседателот на РМ. Понатаму, овој закон е плод на партиските пазарења помеѓу двата криминални партнери од власта СДСМ и ДУИ. Европското знаменце безобразно е искористено каде што не му е местото, само за да во корен се сосече било каква суштинска и јавна расправа. Законот е контра-кохезивен, пред сѐ, поради политичката сегрегација по етнички елементи, како и дополнителното перпетуирање на тие разлики како последица од неговото имплементирање. Законот е експанзионистички изблик на албанскиот национал-шовинизам. Истиот има единствена улога во тоа да ја врати во живот криминалната партија ДУИ, преку реафирмирање на нејзиниот шовинизам. Како што може да се види и од изјавите на вицепремиерот, како партнер во Владата токму од политичката партија ДУИ, дека сите овие години оваа партија е дел од власта единствено преку уцени за „цената на мирот и добрите меѓуетнички односи“?! , стои во соопштението од Левица. 

Идејата за двојазичност ја подрива унитарноста на Република Македонија , и дополнително системски го сегрегира народот. Имено, обратна е логиката на Владата која ја користи за афирмирање на оваа идеја. Законот нема да придонесе кон разбирање, туку напротив кон дополнително недоразбирање. Не помалку важно е тоа дека ваквата идеја внатрешно ја дели и класата на сиромашни на едни наспроти други, додека пак секојдневно сме сведоци како елитата од двете етнички групи совршено функционира кога се однесува на местење тендери, партиски пазари на штета на правдата и економијата и слично – очигледно дека „солидарноста“ помеѓу двете (навидум) различни групи во Владата совршено функционира! Во крајна линија, законот ја замаглува вистината дека бизнис-партиите и корумпираните елити се тие што добиваат сѐ – на наша заедничка сметка! И на крај, имплементирањето на овој закон беспотребно ќе предизвика големи финансиски импликации и ќе биде сериозен товар за институциите, кои и онака се неефективни и неефикасни. И конечно, законот е алиби за сиромаштијата! Тој е лажно претставен како унапредување на културните права на заедниците, додека нивното достоинство – поради неспособната и корумпирана влада – секојдневно се губи во бедата и екстремно лошата социјална состојба на поединците кои се дел од тие заедници. Во држава како Македонија која тоне во сиромаштија, не може да стане збор за никаква друга правда пред да биде исполнета економско-социјалната праведност!

Президиум на Левица

SHARE