Левица: Повратот на ДДВ ги понижувa најсиромашните граѓани

„Што значи повратокот на 15% од ДДВ? Колкава сума ќе добијат назад граѓаните? Лимитот на месечниот трошок на еден граѓанин е, во општ случај, неговата плата, доколку се занемари кредитот што истиот го зема. Максималниот повраток на месечно ниво кој може да го добие една текстилна работничка која заработува 12.000 денари, од кои на својот газда мора да врати на рака барем 3.000 денари, изнесува околу 205 денари. Максималниот повраток што може да го добие еден работник кој прима минимална плата изнесува околу 274 денари. Максималниот повраток што може да го добие еден работник кој заработува 24.000 денари месечно, или две минимални плати, изнесува околу 549 денари. Максималниот повраток кој може да го добие една фамилија којашто не троши повеќе од вредноста на синдикалната кошничка изнесува околу 800 денари. Овие износи се дури и оптимистички, ако се земе  предвид дека ДДВ-то не е 18% за сите продукти и не е сигурно дека ќе има поврат на ДДВ на сите продукти“, велат од партијата, како што пренесува Макфакс.

Мерката не е наменета за да го олесни животот на работниците.

„Владата, предводена од социјалдемократите, со овој понижувачки закон има генијална намера да ја „вработи“ речиси целата држава во својата борба со сивата економија, додека администрацијата паразитира и апологетски ја брани владата на социјaлните мрежи“, велат од Левица.

SHARE