Лоша вест за СДСМ и ДУИ: Според анализата на Османи, ЕУ ќе ѝ помогне на ВМРО-ДПМНЕ на изборите

Неколку дена откако вицепремиерот Бујар Османи изјави дека, ако ЕУ не даде датум за преговори во март, тоа ќе значи нејзино мешање во изборната кампања, реагира францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Иако Тимоние не го споменува директно Османи, неговите позиции се одговор на тоа што го кажа вицепремиерот.

Според Тимоние, барањето на Османи до март да се добие датум за избори не е остварливо. Наместо март, пред изборите тој зборува за мај и самитот во Загреб како можност за исчекор за Македонија.

Според Османи, ако датумот не дојде во март, тоа ќе значи дека ЕУ ќе направи најголемо можно мешање во изборите, односно дека ЕУ ќе му помогне на ВМРО-ДПМНЕ на сметка на власта на СДСМ и ДУИ.

„Верувам дека постојат големи очекувања, но, знаете, Европската унија сама по себе не може да има улога на спасител. Таа е подготвена и има обврска да помогне затоа што вашата иднина е европска и ние воопшто не се сомневаме во тоа, но треба да се работи на двете страни. Ние, од наша страна, вие од ваша страна, а особено политичките чинители, кои ќе мораат да го изнајдат патот на компромисот, без да се прибегнува кон заемна амнестија“, вели францускиот амбасадор во држвава во интервју за весникот „Вечер“.

Зборувајќи за методологијата за проширување на ЕУ што ја бараше Франција, тој истакна дека пристапот во моментот е позитивен и оти се во потрага по решение, без да се создаваат нови проблематични состојби.

За отпочнување на преговорите, Тимоние вели дека е потребно целиот институционален систем да биде подготвен.

„Некои наши партнери, како и Комисијата, посакуваат брз календар, што соодветствува со нашите претпоставки. Терминот што си го дадовме и кој експлицитно е наведен во заклучоците од последниот Совет, тоа е загрепскиот Самит“, вели Тимоние, кој, сепак, не дава гаранции дека тогаш ќе се официјализираат одредени одлуки и ќе се забрза процесот, иако ЕУ тоа навистина го посакувала.

„Колку побрзо започнеме да ја применуваме новата методологија, толку подобро. Уште еднаш ќе кажам дека наша желба е што побрзо да видиме конкретни резултати, особено тоа да го почувствуваат граѓаните. Сакам да ве потсетам дека постојат и одредени буџетски прашања, затоа што ние во моментов водиме преговори за новиот буџет на Европската унија за наредните години, што воопшто не е едноставно, бидејќи, како што знаете, со заминувањето на Обединетото Кралство ќе се создаде недостиг од 12 милијарди евра во следната 2021 година, што е приближно на македонскиот бруто домашен производ, а дополнително ќе треба да ги покриеме амбициозните програми на новата методологија“, вели во интервјуто амбасадорот Тимоние.

Целото интервју на Тимоние на овој ЛИНК

SHARE