Македонци слават Ден на македонското знаме

Иако не е официјален празник, многу Македонци на социјалните мрежи денеска (си) честитаат Ден на македонското знаме, мислејќи на тоа со Сонцето од Кутлеш, а не на сегашното државно.

Златната ѕвезда со шеснаесет краци на црвена заднина беше прогласена за државно знаме од Собранието на Република Македонија на денешен ден во 1992 година, и тоа едногласно, со 88 гласа „за“, без присуство на пратениците од ПДП-НДП.

„Знамето на Република Македонија е црвено со златножолто сонце. Сонцето е со осум основни и осум споредни сончеви зраци, благо здебелени во првата половина, наизменично и симетрично наредени околу сончевиот диск. Основните сончеви зраци непосредно се одделуваат од сончевиот диск, а крајната надворешна должина на сите шеснаесет сончеви зраци се поклопува со надворешната периферија на сонцето. Дијаметарот на сончевиот диск е една седмина од широчината на знамето. Односот на дијаметарот на сончевиот диск и должината на основниот сончев зрак е еден спрема два, а односот на должината на споредниот и основниот сончев зрак е седум спрема осум. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два“, е официјалниот опис на националното знаме на Македонците.

Под притисок на Грција, а како дел од Привремената спогодба, на 4 ноември 1995 година знамето со симболот на древната македонска кралска династија откриен во 1977 година во селото Кутлеш, Егејска Македонија, е заменето со сегашното осумкрако сонце, дизајнирано од архитектот Мирослав Грчев, бивш градоначалник на општина Центар од СДСМ.

Преспанскиот договор забранува етничкото македонско знаме да се користи од државните органи или локални власти.

„Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба“, стои во членот 8 од Договорот.

Но, најавената забрана предизвика контрареакција кај Македонците, кои симболот што може да се најде и во многу македонски цркви сè повеќе го употребуваат наместо државното знаме и во своите дворови, автомобили, и на семејни свечености, но и на спортски натпревари, протести и други јавни собири.

Сонцето од Кутлеш одамна е доминантно кај македонската дијаспора на сите континенти, го има во знамето на албанската општина Пустец со доминантно македонско население, како и во знамето на Општина Македонска Каменица.

SHARE