Одбојкарската репрезентација на Македонија загуби и во второто коло на 31. Европско првенство во Словенија, овојпат од Турција со 3:0 (25:20, 25:23, 25:13), но Македонците добија битка надвор од теренот во ексјугословенската република.

За тоа се погрижи тамошниот македонски активист, Андреј Дочински, кој се избори кај најгледаната словенечка комерцијална телевизија 24 ур Македонците да не ги именува како Северни Македонци, како во најавата за денешниот настап на Македонија.

„Иако политичарите во Македонија, наспроти референдумското отфрлање на новото име од страна на македонскиот народ, ја преименуваа државата во Северна Македонија, на тој начин не можете да го преименувате народот. Употребата на изразот Северни Македонци за Македонците е навредлива, бидејќи нема никаква основа, дури ни според озлогласениот Преспански договор меѓу Македонија и Грција. Токму поради тоа ве повикувам да обрнете внимание на употребата на меѓународната кратенка за Македонија, која е (сè уште) МКД.

Во името на сите засегнати гледачи ве повикувам да ги поучите сите новинари дека употребата на придавката македонски и именувањето на народот како Македонци не се забранети и го изразуваат правото на секој народ на самоопределување во согласност со меѓународните норми“, им пиша Дочински на уредниците во телевизијата, кои ја прифатија забелешката и ја изменија најавата:

Претседателот на Синдикатот за здравство на Словенија и кандидат за европратеник на Словенечка национална странка, во јуни го убеди и државниот радиодифузер РТВ Словенија да не ги користи измислената кратенка СМА за Македонија и придавката „северномакедонски“ за македонските фудбалери.