Македонските иселеници од САД преземаат низа активности за минирање на референдумот на 30 септември преку пријавување за гласање заради зголемување на цензусот, а потоа бојкотирање на изјаснувањето за договорот Заев-Ципрас.

Ана Дукоска, координатор на глобалното движење „Ние сме Македонија“ од Вашингтон, за expres.mk најави засилување на агитирањето кај сонародниците до истекот на рокот 23 август за електронско пријавување за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во оваа земја.

Од почетокот на пријавувањето 9 август досега интерес пројавиле 540 американски граѓани што имаат (и) македонско државјанство, но Дукоска очекува до истекот на рокот да се надмине бројката од околу 8.000 Македонци од САД што гласале на последните избори во Македонија.

„Бројката е мала. Има потенцијал за многу поголема“, вели таа.

„Правиме сè за македонски успех, а за нивни неуспех“, додава Дукоска.

Од „Ние сме Македонија“, пак денеска одговорија на повикот на министерот Едмонд Адеми од Македонска Каменица до иселениците што помасовно да излезат на референдумот.

„Одговор на повикот на министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми од движењето ‘Ние сме Македонија’ е #Бојкотирам

Воедно, ги повикуваме сите македонски иселеници:

1. Да го проверат избирачкиот список со цел да утврдат дали се регистрирани на следниот линк: https://izbirackispisok.gov.mk/dijaspora/

2. Доколку не се пронајдат на избирачкиот список, да се пријават во најблиското конзуларно претставништво, амбасада или на следниот линк: https://dijaspora.sec.mk/

3. Да не гласаат, односно да го бојкотираат консултативниот референдум како бесполезен.

* Со вашата регистрација за гласање го зголемувате цензусот, со што придонесувате за неуспех на референдумот.

Останете во тек, движењето ‘Ние сме Македонија’ подготвува активности за 30 септември.

#НиеСмеМакедонија #Бојкот #ПравдаЗаМакедонија“, порачуваат од движењето што организира 40 протести на пет континенти, на кои над 150.000 Македонци и пријатели на Македонија изразија несогласување со политиките на сегашната македонска власт, посебно во однос на името на државата, идентитетските прашања и законот за двојазичност.