Македонците во Бугарија се собраа во чест на “Пиринскиот Цар”

Денеска во град Мелник се одржа традиционалниот свечен семакедонски собор посветен на 104 годишнината од убиството на „Царот на Пиринот“, легендарниот македонски војвода Јане Сандански.

Соборот е организиран од македонските организации во Бугарија: партијата ОМО „Илинден“-ПИРИН, весник „Народна волја“, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор, билтен „Македонски глас“, Македонски клуб за етничка толерантност, Правозаштитен комитет толерантност и други, а основни коорганизатори од дијаспората се Македонското меѓународно движење за правата на човекот од Канада и Австралиско-македонскиот комитет за човекови права.

Присутни се луѓе од цела Пиринска Македонија, од Бугарија и наспроти изборите во Р Македонија дојдоа гости од Прилеп, Штип, Радовиш и др.

Поздравни телеграми до соборот испратија „Виножито“, Македонската алијанса за европска интеграција (Албанија), Здруженијата на македонците од егејскиот дел на Македонија, Светскиот македонски конгрес, и др.

Соборот беше отворен со рецитал од Бојан Бибишков и со изведување химната на ОМО „Илинден“ – ПИРИН „Народе македонски“.

Говор за животот, делото и заветите на Јане Сандански одржа Димитар Иванов од Централниот совет на ОМО „Илинден“-ПИРИН, кој изјави дека со своето собирање во чест на Јане Македонците денес пак им удираат гласна шлаканица на сите свои негатори.

Со поставување венци и цвеќиња пред споменикот на Јане Сандански во Мелник, едноминутен молк и паѓање на колена беше потсетено на споменот на војводата.

Подоцна специјална делегација од раководството на ОМО „Илинден“-ПИРИН положи венец и на гробот на војводата кај Рожденскиот манастир.

За гостите пееше народната певица Марија Димкова од Штип, мешаната фолклорна група „Пирински глас“ од Разлог и оркестар „Македонија“ од село Мусомишта Гоцеделчевско со раководител Георги Попов.

Орото го поведе со бајракот со шеснаесет кракото сонце првиот претседател на ОМО „Илинден“ Стојан Георгиев, страдалец за македонските правдини, кој 8 години од својот живот ги поминал низ бугарските затвори. На ливадите крај споменикот на Сандански ората се виеја со часови.

SHARE

2 Коментари

  1. Бре, бре, дружествата организатори на собира повеке от събралите се люде, бре! Хахахахах!!!

Comments are closed.